Повеќе од 20 млади луѓе се уапсени во Лондон на протестите за поддршка на демонстрациите во САД по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина за време на брутално полициско апсење во Минеаполис.
Полицијата во Лондон соопшти дека апсењата се поради напади врз полицајци или носење оружје и дека повеќето уапсени се на возраст меѓу 17 и 25 години, пренесува британски „Сан“.
Учесниците прво се собраа на плоштадот „Трафалгар“, а потоа преку „Вестмистер“ стигнаа до американската амбасада во Лондон носејќи транспаренти на кои пишуваше „Нема место за расизам“ и „Нема правда, нема мир“.
Како што наведуваат британските медиуми, протестите беа претежно мирни, а на нив многумина носеа маски за лице и ги кренаа тупаниците во знак на протест.
Покрај Лондон, протести имаше и во Манчестер и Кардиф, како и во други европски држави – Франција, Германија и Данска.