Според најавата, објавена на Фејсбук, протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово
За утре е најавен протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово во која пред две години изгореа 14 лица.
Според најавата, објавена на Фејсбук, протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово. Најавата за протестот се шири на социјалните мрежи, а денеска доби поддршка и од новата партија на Изет Меџити, Демократско движење кои ги повикаа своите симпатизери да застанат рамо до рамо со демонстрантите, организирани од граѓански здруженија, револтирани од одлуките на судството во земјава.
Протестот доаѓа по документарниот филм „Убиство во Тетово“ емитуван на Националната телевизија МРТВ објавен од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Новинарите на ИРЛ, повикувајќи се на документи и сведоштва до кои дошле, го одмотуваат клопчето околку целиот случај и трагаат по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
Ова прашање, според ИРЛ, но и според впечатокот кај пошироката јавноста, остана неодговорено, а објавениот документарец нуди индиции дека надлежните не си ја завршиле работата до крај, иако пред себе имале доволно материјал и ангажиран кадар да го сторат тоа.