Мајката која ја нападна наставничката е приведена во полиција и по наредба на јавниот обвинител во Белград одреден ѝ е 48-часовен притвор

Родители и наставници денеска протестираа пред основното училиште „Јован Дучиќ“ во Белград, каде што вчера мајка на ученик физички нападна наставничка.
Мајката која ја нападна наставничката е приведена во полиција и по наредба на јавниот обвинител во Белград одреден ѝ е 48-часовен притвор.
Уапсената во кривичната пријава е обвинета дека на 13 јуни во основното училиште во општина Нови Београд, незадоволна од оценката на нејзиниот син, им се заканувала по живот на наставниците. Таа е обвинета дека ја навредувала наставничката по биологија, ја влечела за коса и ја удирала неколку пати, при што ѝ нанела полесни повреди.
На протестот голем број родители и ученици носеа транспаренти на кои пишувало „да го запреме насилството во училиштата“.
Родителите изјавија дека се шокирани, разочарани и загрижени од нападот што се случи вчера и дека протестот го организирале за да се солидаризираат и да ја поддржат наставничката која беше нападната.
Членот на Советот на родители Јелена Максимовиќ рече дека на протестот бараат надлежните органи да реагираат.
„Судството треба да одговори на кривичната пријава, лицето што го сторило ова дело да биде санкционирано, јавноста да биде информирана за санкциите. Ги поддржуваме образовните работници да го добијат службениот статус што веќе го бараат“,
рече Максимовиќ.
Таа додаде дека атмосферата меѓу децата и родителите е лоша по нападот на наставничката.
„Мораме да сфатиме дека еден од најважните столбови на секое општество, а тоа е образованието, во Србија, не само што е разнишан туку и распукан и расте со години. Тоа резултира со насилство во училиштата во многу форми“,
рече таа.
Како што пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, за три дена имало три напади врз просветни работници во училиштата во Белград. Синдикатот на просветните работници на Србија на 13 јуни соопшти дека наставничката во основното училиште „Свети Сава“ била нападната кога излегла од автобус по враќање од рекреативна настава на Копаоник.
Самостојниот сојуз на српските просветители соопшти дека на 10 јуни наставник по музичко во ОУ „Васа Пелагиќ“ во Белград бил вербално и физички нападнат од шестоодделенец во тоа училиште.
Синдикатот соопшти дека ученикот го нападнал наставникот по разговор што го имал со класниот раководител и заменик-директорот на училиштето, на кои нападнатиот наставник го упатил бидејќи пушел електронска цигара во училницата.
На денешната прес-конференција, претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ рече дека насилството врз вработените во образованието е „апсолутно неприфатливо“.
Таа рече дека Собранието ќе ѝ даде поддршка на извршната власт „доколку треба да се направат измени на законот“ со кои построго ќе се санкционираат нападите врз просветните работници.
Владата на Србија и репрезентативните синдикати во образованието на крајот на мај постигнаа договор за измени на Кривичниот законик, кои се однесуваат на напади врз вработени во образовните институции.