Првото барање е додатокот за попреченост да изнесува 40 отсто од просечната плата, туѓата нега 30 отсто од просечната плата и помагалата да се решат системски
Системско решение за обезбедување помагала и за покачување на додатоците за попреченост и за туѓа нега се барањата кои денеска на мирниот протестен марш ги повтори Националниот сојуз на слепи лица на Северна Македонија.
„По втор пат за месец и половина го обновивме мировниот протест поради нашите потреби и барања. Првото барање е додатокот за попреченост да изнесува 40 отсто од просечната плата, туѓата нега 30 отсто од просечната плата и помагалата да се решат системски“,
истакна претседателот на Националниот сојуз на слепи лица во Северна Македонија, Жарко Селковски.
Тој рече дека и другите лица со попреченост имаат потреба од помош, меѓутоа кај нив проблемот е системски решен со ортопедски помагала, апарати за слух и слична помош, само слепите немаат никакво право на помагало.
„Без помагалата не можеме да функционираме, а имаме проблеми со движењето, со читањето и со пишувањето. За сето тоа нас ни требаат говорни помагала за функционирање во секојдневниот живот. Апелирам и до премиерот и до Владата да не не игнорираат, да седнеме да разговараме и да најдеме решение за нашите барања односно нашите потреби“,
додаде Селковски.
Селковски рече дека и денеска ги кажуваат истите барања, но досега немаат никаков одговор и нагласи дека се игнорирани, како да не постојат.
„Ние нема да се откажеме и по трет пат и по четврти пат, и по петти пат ако треба, ги бараме нашите права и нашите потреби барем малку да се ублажат во овие тешки времиња“,
изјави Селковски.
Протестниот марш, започна од ДХО „Даре Џамбаз“, од каде демонстраните поминаа пред Собранието и потоа преку градскиот плоштад го завршија протестот пред Владата.