Министерот за надворешни работи и надворешна трговија изразил уверување дека полското претседателство ќе го динамизира пристапниот процес на земјава, овозможувајќи побрз напредок во исполнувањето на критериумите за членство и интеграцијата во ЕУ
Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство во следните шест месеци, нагласил вршителот на работите во Амбасадата на Република Полска, Мариуш Бриморa, на средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

За време на средбата министерот ја нагласил важноста на поддршката од Полска во процесот на евроинтеграциите на земјава, особено во контекст на актуелното полско претседателство со Советот на ЕУ.
„Министерот Муцунски, во таа насока, изрази уверување дека полското претседателство ќе го динамизира пристапниот процес на Северна Македонија, овозможувајќи побрз напредок во исполнувањето на критериумите за членство и интеграцијата во Европската Унија“,
се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Бримора го поздравил реформскиот напредок, додавајќи дека Полска силно и недвосмислено ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на земјава.
Во однос на блокираните евроинтеграции на земјава, во интервју за „360 степени“ од минатата недела, Бримора најави дека полското претседателство ќе се вклучи во напорите за надминување на ќор-сокакот, обелоденувајќи дека наскоро претставници на полското МНР ќе заминат за Софија, каде, меѓу другото, ќе се разговара и за ситуацијата со Северна Македонија.