Унгарија од 1 јули годинава ќе претседава со Европската Унија, а меѓудругото, главни приоритети за официјална Будимпешта ќе бидат процесот на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија
Во интервју за емисијата „Агенда 35“ на МРТ, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто вели дека претседателството на Унгарија во периодот од први јули до крајот на 2024 г. ќе има шанса и можност да забрза одредени процеси, кога станува збор за проширувањето на унијата оти, како што кажа, Унгарија е една од главните држави кои силно го поддржуваат проширувањето на Унијата.
„Ние многу од нашиот труд ќе го концентрираме на процесот на проширување и тие досиеја ќе ги туркаме едно по едно. Мислам дека е срамота што вистинските разговори за пристапување се уште не се почнати со С Македонија, исто и со Албанија. Знаеме дека Црна Гора не може да затвори ниедно поглавје до сега“,
вели Сијрато.
Според него, Европската Унија се наоѓа во лоша состојба и затоа неопходно е да се покрене прашањето како ова да се подобри, а еден од начините, како што вели, е токму внесувањето на нова динамика, енергија и свежина кои земјите од Западен Балкан можат да го понудат.
„Тие никогаш нема да речат – ние сме против проширување, ние не се согласуваме С Македонија да се приклучи на ЕУ. Тие секогаш ќе стават напред некои вештачки нешта, кои всушност и не разбирате што значат. Што значи „внатрешни реформи пред проширување“? Што значи „продлабочување пред проширување“? Ова се комуникациски балони, комуникациски панели што не значат ништо. Тие имаат само функција да ja сокријат позицијата против проширувањето. Затоа велам дека искреноста мора да се врати во дебатата за проширувањето. Искреноста и взаемната почит. Мислиме дека најголемиот проблем во моментов во европската политичка арена е големиот недостиг на взаемна почит“,
рече Сијарто.
Сијарто кажа дека сите земји членки треба јавно, отворено и директно да зборуваат за нивните позиции во однос на проширувањето и приемот на Македонија во Европската Унија, но она што го фрустрира е тоа што, како што вели, одредени претставници на земјите членки јавно говорат едно, а зад затворени врати сосема друго.
На новинарско прашање за барањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, тој рече дека ова е одлука на судските власти и дека Груевски во Унгарија нема никакви привилегии, оти тој добил азил со правна процедура, а не со политичка одлука.