„Изјавата на Макрон на прво читање звучи како да е демантирање на претходната (изјавата на Шарл Мишел н.з.), но во Блед беа неговата министерка за европски прашања Лоренс Бун, која беше во Скопје, беше Александар Адам, кој беше негов советник и креатор на францускиот предлог и тие кажаа дека Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен, а не Европа во слоеви, во смисла на привилегирани и помалку привилегирани бидејќи ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во Европската Унија“, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања во врска со изјавите францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел
Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, во контекст на проширувањето, не е контрадикторна со онаа на Шарл Мишел, кажана на Бледскиот стратешки форум, туку, напротив, зборува за можноста за прием на нова или нови земји во Европската Унија и пред 2030 година.
Вакво објаснување на изјавата на Макрон добил шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на билатералните состаноци со француските претставници на самитот во Блед.
„Јас имав состанок и ги прашав зошто две наизглед контрадикторни изјави меѓу двајца важни лидери на Европската Унија. Одговорот беше дека Макрон не мислел на слоеви, туку на брзини. Дека ако Македонија е подготвена може да стане членка и пред 2030 година, дека нема ан-блок да влезат сите земји. Ако е така, а јас ѝ верувам на француска министерка за Европа. Доколку не демантира, тоа е друго прашање, засега мислам дека треба да сме задоволни со изјавата на Шарл Мишел и тоа треба да ни биде точка водилка“,
изјави денеска Османи на посебна прес-конференција, по онаа што ја одржа со министерката за надворешни работи на Канада Мелани Жоли, која е во официјална посета на земјава.
Инаку, француската министерка за Европа, Лоренс Бун, за ставот на Париз во однос на проширувањето говореше и на една од панел-сесиите на Бледскиот стратешки форум, каде што исто така кажа дека проширување на ЕУ може да се случи и пред 2030 година. Но, она што е потребно, рече таа, се реформи во самата ЕУ и кај земјите кандидати..
„Сега сме 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35 најбрзо што може. Знам дека Шарл Мишел рече 2030 г., но дури можеби и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси. Но, и земјите кандидати да се реформираат. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да сме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Мислам дека тоа се нашите задачи“,
рече вчера Бун.
Во врска со изјавата на претседателот на Европскиот совет, дека до 2030 година ЕУ треба да биде подготвена за прием на нови членки, Османи одговарајќи на новинарски прашања денеска рече дека станува збор за настан кој ќе биде дел од историјата.
„Тоа што беше Солунскиот самит во 2003 година мислам дека отприлика таква тежина ќе има Бледскиот стратешки форум, каде што претседателот на Европскиот совет во свој полн официјален капацитет, не во приватен капацитет, туку во име на Европската Унија рече дека Унијата ќе биде подготвена до 2030 година да прима нови членки. И тоа е пораката што ние ја баравме. Знаете колку време јас зборувам за 2030 година и јас мислам дека тоа е дел од тоа наше лобирање. И тоа што се случи во Блед сега ќе ни даде рамка, ќе ни даде идеја за што работиме, за кога работиме. Тоа не значи дека 2030 година ние ќе влеземе ако не сме подготвени, важно е што Европа ќе ги отвори вратите до 2030 година“,
рече Османи.
Говорејќи во ист контекст, тој се надоврза на изјавата на францускиот претседател Макрон и појаснувањата што ги добил од претставниците на Франција на самитот во Блед.
„Изјавата на Макрон на прво читање звучи како да е демантирање на претходното, но во Блед беа неговата министерка за европски прашања Лоренс Бун, која беше во Скопје, беше Александар Адам, кој беше негов советник и креатор на францускиот предлог, и тие кажаа дека Макрон зборувал за брзини во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен, а не Европа во слоеви, во смисла на привилегирани и помалку привилегирани бидејќи ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во Европската Унија“,
изјави министерот за надворешни работи.
Прашан за пораката која вчера стигна од Европската комисија, а во контекст на она што беше кажано во Блед, Словенија, дека Комисијата не е фокусирана на датумот, туку на соработката со земјите кандидатки и подготовката за нивно членство во Унијата, Османи кажа дека ЕК не ја демантира изјавата на претседателот на Европскиот совет бидејќи станува збор за две различни институции, со различен мандат.
„Европскиот совет се земјите-членки, тие што носат политички одлуки, Европската комисија е друго нешто. Комисијата проверува објективно дали ги исполнуваме критериумите, тие немаат политички мандат. И затоа комисијата вели: политичките одлуки ги носите вие – земјите-членки, за мене е важно кој ги исполнува критериумите, бидејќи јас давам извештај. Така што Европската комисија не ја демантира пораката на Шарл Мишел, само вели вие одлучете како сакате – за тајмингот, за мене е само важно дали сте ги исполниле критериумите бидејќи двете институции гледаат различни перспективи од проширувањето гледаат“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата, се осврна и на концептот „повеќе интеграција пред членство“, промовиран од наша страна, појаснувајќи дека тоа значи „да станеме дел од Унијата и пред самото членство, односно како исполнуваме едно по едно поглавје од преговорите, така да стануваме дел политиките на ЕУ, да влеземе на единствениот пазар на Унијата и да имаме пристап до фондовите.
„Јас кажав и вчера на неколку состаноци во Словенија, проблемот со сегашниот модел на интегрирање е што е сè или ништо. Значи ништо додека да станете членка, а потоа добивате сè кога ќе станете членка. И тоа создава фрустрации, создава фрустрации и за нас бидејќи патот е долг, непредвидлив, со тешки компромиси, а ништо не добиваме по пат. Затоа овој наш концепт ‘интеграција пред членство’ е да добиеме опипливи придобивки за граѓаните во тек на процесот и вчера имав можност да го споделам концептот и тој нон-пејпр којшто го имаме подготвено со повеќе министри коишто реагираа позитивно. Тоа го правам сега погласно бидејќи сега сум во покомфорна позиција бидејќи сега ја имаме 2030 година. Претходно некој можеше да мисли ‘аха, овие нудат некое алтернативно решение од ЕУ’, но сега имаме 2030 година, ништо помалку од полноправно членство, но не сакам празен од. Сакам да имам пристап до фондовите бидејќи сега ние добиваме 160 евра по глава на жител пари од ЕУ, Бугарите, Романците и Грците добиваат 4 700 евра по глава на жител. Е како ние ќе ги доближиме стандардите, ако продолжиме вака, ајде и ние да добиеме ако не 4 700 тогаш по 3 000 евра по глава на жител до членство, право на вето ќе си добиеме тогаш, не ни е толку важно нам толку правото на вето, нам ни е важно да имаме пристап до пазар, пристап до пари, пристап до политики на Европската Унија и тоа е концепт што ние го туркаме како Министерство за надворешни работи и како Влада и има позитивен одек“,
рече шефот на македонската дипломатија.