Прорускиот лидер на самопрогласената Народна Република Доњецк, Данил Бесонов, на Телеграм напиша дека руските војници се повлекле од Изјум и од неколку други населени места во областа Харков, пишува Киев Индипендент.
На проруските канали на Телеграм се објавуваат информации дека украинските сили контролираат половина од Купјанск. Украински извори за рускиот огранок на Би-Би-Си изјавиле дека градот е ослободен.
Инаку претходно, официјални лица и аналитичари од западните земји соопштија дека Украина ги пробила руските линии на фронтот јужно од Харков, вториот по големина град во Украина, зазела огромна територија и се закануваат дека ќе ги прекинат руските линии за снабдување.
Би-би-си јавува и дека на проруските канали се информира дека руските војници го напуштиле Изјум. Други канали јавуваат дека украинските војници се веќе во центарот на градот.