Еврообврзницата пропадна бидејќи не беше потпишано мислење од министер за правда. Досегашниот министер Тупанчески не стави потписи барањето од Министерството за финансии стигнало два дена откако тој замина од функцијата
Пропаѓањето на еврообврзницата го наруши кредибилитетот на државата, а трошокот за тоа ќе го платат граѓаните, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Еврообврзницата, со која земјава требаше да се задолжи 600 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал, пропадна бидејќи нема за нејзиното издавање потребно е мислење и од министерот за правда, но во моментов државата е без министер со оглед дека Никола Тупанчески си поднесе оставка која во понеделникот (13 февруари) беше констатирана.
Мицкоски смета дека пропаѓањето, без разлика од која причина, е срам и катастрофа што се отсликува на повеќе нивоа во државата, а за штета од тоа, вели, треба да одговори премиерот Димитар Ковачевски.
„Тоа е еден настан без преседан, за жал којшто повторно ќе треба граѓаните да го плаќаат, и за финансиската штета што и е нанесена на државата, но и за срамот којшто е нанесен на државата односно е нарушен кредибилитетот. Не би ме чудело ако веќе следната обврзница којашто ќе се издава биде со повисока камата, имајќи предвид од тоа што го дознаваме од медиумите 41% од инвеститорите се фондови од Северна Америка и самото тоа доволно говори“,
вели Мицкоски.
Премиерот Ковачевски, пак, вчера рече дека неиздавањето на еврообврзницата нема да влијае негативно на кредитниот рејтинг на Северна Македонија бидејќи таа не е издадена од процедурални причини поврзани со реконструкцијата на Владата.
Министерството за правда на оваа тема вчера појасни дека Тупанчески пред да замине не го потпишал мислењето, затоа што сè уште немало такво нешто.
„Ве информираме дека министерот за правда Никола Тупанчески до Владата поднесе оставка од функцијата на 10.02.2023 година. Собранието ја констатира оставката и престанокот на функцијата министер за правда на седница на 13.02.2023 година. Од 14.02.2023 година, Никола Тупанчески е во работен однос на Правниот факултет, ’Јустинијан Први‘. Барањето од Министерството за финансии за потпишување на правно мислење за еврообврзницата е примено во Министерството за правда на 15.02.2023 година. Со оглед на тоа што Тупанчески не е министер за правда од 13 февруари, тој нема право да стави потпис како министер“,
рекоа од Министерството за правда.
За издавање нова еврообврзница ќе се чека нов министер за правда – функција на која е предложен Кренар Лога од Алијанса за Албанците.
Изборот на Лога е на дневен ред на собраниска седница која започна во понеделникот (13 февруари), но дискусијата сè уште не стигнала до точката за именување нови владини членови и во моментов се дискутира за разрешување на министрите од Алтернатива.