Ангелова е втора жена ректор на УКИМ по Радмила Кипријанова и доаѓа на местото на Никола Јанкуловски, кој два мандати беше прв човек на УКИМ
Професорката Билјана Ангелова од Економскиот институт е избрана за нова ректорка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје. Таа убедливо ја освоила довербата пред останатите кандидати и доктори на науки од различни научни подрачја. Информацијата за Телма ја потврдиле од универзитетската изборна комисија.
Ангелова е втора жена ректор на УКИМ по Радмила Кипријанова и доаѓа на местото на Никола Јанкуловски, кој два мандати беше прв човек на УКИМ.
Ангелова во економскиот институт е вработена од 1992 година, во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а од јуни 2016 година досега беше проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ. Во овој период беше и претседател на комисиите за финансии и за издавачка дејност на универзитетот.
На 23 факултети и пет институти во состав на УКИМ денеска се спроведе тајно гласање за избор на ректор на УКИМ за мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година.
Се избираше за еден од шесте кандидати, колку што и се пријавија на огласот: Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Биљана Ангелова од Економскиот институт, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Димитар Ташковски од ФЕИТ.
По официјалното објавување на резултатите од тајното гласање, ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати.