Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Рекет“. Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со презентирање докази, меѓу кои се очекува да се прочитаат и нови пораки од комуникацијата на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.
На претходното рочиште беа прикажани снимки од камерите во куќата на Орце Камчев, кои тој во својство на сведок ги има доставено во Обвинителството како доказен материјал. Станува збор за снимки на кои се прикажани Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милевски-Кичеец и Камчев, кои беа објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, а потоа и во македонските медиуми, само што истиот настан беше прикажан од повеќе агли односно од други камери.
Се презентираа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски и неговата мајка, за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија. Сметките се од 25, 26 и 27 февруари 2019 или неколку дена од 20 февруари – денот кога се тврди дека бил земен милионот од Камчев. Најниската сметка беше со износ од околу 700 евра, а највисоката од 26 000 евра. Вкупната сума на потрошени пари за три дена, како што информираше Русковска е околу 148 000 евра.
Во доказите беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на „Ватсап“ на Боки со Катица Јанева, Орце Камчев, Фросина Ременски и Дејан Пелистерка, синот на Цветан Панделевски, кој е осомничен во „Империја.
Случајот го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, а Јанева и Милевски за примање награда за противзаконито влијание. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
На првото рочиште за „Рекет“, кое се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.