Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ прочита делови од биографијата на обвинителот Витларов, кој, како што рече работи од 1982 година и има 40 години работно искуство, но изрази сомнеж дека на матичната комисија ќе помине предлогот Витларов да биде уставен судија
По доцнење од половина час, денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја продолжи расправата за предложените кандидати за уставни судии. На ред е предлогот Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, да биде уставен судија.
Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ прочита делови од биографијата на обвинителот Витларов, кој, како што рече работи од 1982 година и има 40 години работно искуство, но изрази сомнеж дека на матичната комисија ќе помине предлогот Витларов да биде уставен судија.
Тој направи споредба со биографијата и работното искуство на Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, кандидати кои претходно добија поддршка од членовите на Комисијата за уставни судии. Според него, државата повторно ќе добие Уставен суд кој нема да ја отсликува вистинската потреба на системот, туку ќе ја отсликува партиската потреба.
Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивните понудени кандидати се многу подобри, поквалитетни во однос на биографијата и достигнувањата и не може да се споредат со кандидатите на СДСМ, истакнувајќи дека, имајќи ја предвид актуелната состојбата во судството, нема напредок на државата и судството ако се изберат луѓе кои се лојални на СДСМ и на ДУИ.
Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неприсуството на мнозинството или само еден до двајца пратеници во салата укажува на тоа колку тие се грижат за состојбите во судството.
Претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата даде пауза од еден час,а седницата треба да продолжи во 13:30 часот.
По завршувањето на расправата за Тодор Витларов, пратениците се очекува да ја разгледаат биографијата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.