Европската комисија (ЕК) објави дека на утрешниот дијалог Белград – Приштина во Брисел „мора и ќе се разговара за сите отворени прашања“, но нагласи дека „не може да се шпекулира за резултатите од дијалогот“.
Портпаролката на ЕК, Набила Масрали, изјави дека Комисијата наскоро ќе соопшти кои теми ќе се најдат на преговарачка маса меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Портпаролката посочи и дека „за ЕУ е најважно двете страни да престанат со непријателствата, со потпалувачки пораки и тензии и да се однесуваат одговорно“.
„Тоа е тема на дијалогот, доаѓаат претставници на засегнатите страни и ќе видиме каков ќе биде исходот и не можам да шпекулирам за тоа“,
рече Масрали.
На новинарско прашање како ЕУ гледа на усогласеноста на Србија со надворешната и безбедносната политика на Унијата, особено кога станува збор за санкциите против Русија, Ана Писонеро, претставник за медиуми на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, изјави дека „Србија се согласи со неколку резолуции во Генералното собрание на ОН со кои се осудува неиспровоцираната и незаконска руска агресија врз Украина, што, се разбира, беше поздравено“.
Писонеро, додаде дека тоа е важно за „постепеното усогласување на Србија во рамки на преговорите за членство со надворешната политика и одлуките на Унијата, вклучително и санкциите против Русија“.
Косовскиот премиер Курти пред дијалогот изјави дека разговорот мора да се фокусира на меѓусебното признавање и рече дека не сака да разговара за спорот за регистарските таблички и личните карти на Србите на Косово.