На претходните рочишта сведочеа поранешен помошник-началник во СВР Скопје, мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката и зетот на убиениот 74-годишен Жежовски
Со испитување на сведоци на Обвинителството денеска во Кривичен продолжи судењето за двократното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот од Велес, Панче Жежовски.
На претходните рочишта сведочеа поранешен помошник-началник во СВР Скопје, мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката и зетот на убиениот 74-годишен Жежовски.
Поранешниот помошник-началник во СВР Скопје, Музафер Каишиќ, на последното рочиште, го опиша однесувањето на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, по пријавата за исчезнувањето на девојчето. Тој рече дека првиот впечаток бил оти однесувањето му е чудно, бил конфузен, потиштен во многу изјави и работи за што го прашувале за да помогне во однос на тоа што се случи. За мајката на Вања, пак, рече дека била посмирена и посталожена.
Два дена пред сведочењето на Каишиќ, во судот беше Зорица Ѓорчевска. Таа, како прв сведок на Обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје сведочеше за сите околности во врска со исчезнувањето на девојчето, потрагата по него, семејните односи, имотот и мотивите за настанот што ја шокира македонската јавност.
Ќерката и зетот на убиениот 74-годишен Панче Жежовски од Велес раскажаа како на 22 ноември го пријавиле неговото исчезнување откако во неговиот дом наишле на вклучена греалка и светилка, а пензионерот го немало.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.