Јаневска повторува дека блок-дотациите за оваа година се искористени, но најави дека е планирано во буџетот за в година да предвидат повеќе средства за општините што се наоѓаат во слична ситуација како Карпош

Проблемот со затоплување на основните училишта во Општина Карпош сè уште не е надминат, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа очекува во текот на овие денови да има средба со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, на која ќе најдат некое решение.
Јаневска повторува дека блок-дотациите за оваа година се искористени, но најави дека е планирано во буџетот за в година да предвидат повеќе средства за општините што се наоѓаат во слична ситуација како Карпош.
„За жал не се надмина проблемот во Општина Карпош. Очекувам овие денови да имам состанок со градоначалникот. Жал ми е што морам да соопштам дека се искористени блок-дотациите за оваа година. Оваа година Општина Карпош со ребалансот добила 18 милиони денари повеќе за што верувам дека не се сосема доволно. Искрено се надевам и повторно велам дека ќе најдеме некое решение со градоначалникот, се разбира со негови поголеми услуги отколку од министерството. Но, за буџетот за наредната година планираме повеќе средства не само за Карпош, туку и за други општини што се наоѓаат во слична ситуација, секако по можност на сите општини да можеме да им удоволиме“,
рече Јаневска денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Проблемот со затоплувањето на училиштата во Карпош се актуализира пред почетокот на грејната сезона, кога градоначалникот Јакимовски побара од „ЕСМ – снабдување со топлина“ да не се пушти греење во објектите на 15 октомври туку тоа да биде на 1 ноември. Како причина за ваквото поместување на грејната сезона од Општина Карпош рекоа дека е за да има штедење затоа што општината има долг кон „ЕСМ – снабдување со топлина“ од околу 8 300 000 денари и побара Владата да го плати затоа што, како што рече градоначалникот, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
По неколкуте преписки преку медиумите, кога Јаневска рече „Јакимовски е многу способен, верувам дека ќе најде начин да ги затопли училиштата“, градоначалникот ѝ врати дека „северџанката“ министерка го учи него како да ги менаџира парите и се пријави доброволно да оди кај неа на часови.
По овие изјави, Јакимовски во четвртокот јавно ѝ се извини на министерката за образование Весна Јаневска затоа што ја нарекол „северџанка“, и истовремено ја повика на средба на која би ги разгледале можностите за решавање на проблемот околу долговите за греење на училиштата во Карпош.