Клучот на СЈО, пандемијата и условите во кои работи обвинителката. Ова се трите клучни причини што Обвинителството ги наведува како причина поради која три години по отворањето на случајот досега нема ни навестување од јавнообвинителска одлука
Пред три години, на 10 октомври, на сегашната „упокоена“ веб-страница на СЈО осамна информација дека отвориле шест нови истраги, во кои се осомничени десетици функционери, директори и бизнисмени, пишува „Призма“ во најновата анализа.
За некои од шесте истраги, како на пример „Дизајн“, за набавка на кинеските автобуси, веќе има обвинение, па четворица обвинети се очекува да седнат на обвинителна клупа.
Други, пак, како „Пациент“, за некои осомничени, како министерот Бујар Османи, се затворени. Ама има и трети истраги, како на пример, „Пропаганда“, која е единствената отворена истрага што се однесува на поткуп и купување на медиумите со милионски износи, што сѐ уште е во статус кво позиција. Истрагата што ја отвори СЈО во октомври 2018 е фокусирана на два дела. Осомничените се товарат за: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
„Обвинителството, како што тоа е традиционално кај нас, по падот на СЈО, за овој случај е ‘скржаво на зборови’. Oд неодредените одговори што БИРН ги доби оттаму се стекнува впечаток дека предметот како да ‘левитира’, а за тоа се наведени неколку причини“,
пишува „Призма“.
Падот на СЈО, пандемијата и условите за работа како пречка
Клучот на СЈО, пандемијата и условите во кои работи обвинителката. Ова се трите клучни причини што Обвинителството ги наведува како причина поради која три години по отворањето на случајот, досега нема ни навестување од јавнообвинителска одлука.
„Она што е јасно е дека, иако предметот носи обвинителско бројче од Обвинителството за гонење организиран криминал, материјалите, доказите, па и самата обвинителка Ленче Ристоска што го отвори случајот, уште се на друга локација, во зградата на Рузвелтова, каде што беше СЈО. БИРН го праша Обвинителството што се случува со предметот. Оттаму одговорија дека во истрагата уште собираат ‘дополнителни докази’“,
пишува „Призма“.
Освен за првично осомничените, истрагата засега не е проширена, но не ја исклучуваат ниту „можноста за нејзино проширување“.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.