Петте национални телевизии Сител, Канал 5, Алсат, Телма и Алфа ќе инкасираат 1 100 000 евра од предизборните спотови на партиите и коалициите што учествуваа на изборите на 15 јули, објави „Призма“.
Истражувањето покажало дека сумата што сите учесници во изборите треба да ја платат за медиумска презентација во моментов надминува два милиони евра, но не е конечна затоа што сѐ уште се чекаат податоци за рекламите што се емитувале на помалите телевизии, радијата и веб-порталите.
Според податоците, телевизија со најголем изборен приход е Сител со околу 283 000 евра, потоа Канал 5 со 281 000, па следува Алсат со 262 000, Телма со 160 000 и со најмал приход е Алфа – 125 000 евра. Солидни приходи, како што пишува „Призма“, има и ТВ 24 (119 000 евра), која нема национална концесија, туку се емитува преку кабелските оператори.
Истражувањето открива дека коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се релативно изедначени во медиумскиот простор на Сител и Канал 5, со мала предност на владејачката партија, додека на Алфа доминирале рекламите на Христијан Мицкоски со 86%.
На Телма половина од времето за пропагндни пораки го откупиле СДСМ, а 30% ВМРО-ДПМНЕ, додека на Алсат со 60% доминирала ДУИ.