Некои градови воопшто не се поврзани меѓусебе, неревидиран возен ред, продажба на повеќе билети отколку што има места во автобусот, автобуски станици од „нафталин“
Во Македонија има градови што воопшто не се поврзани со превоз. Таква е релацијата Струмица – Охрид. Струмица како десетти најголем град во државата најдобро е поврзан само со главниот град, а за другите помали градови, останува непишаното правило „Снајди се“.
БИРН во истражувањето лоцира неколку проблеми кои меѓуграадскиот превоз во земјава изгледа како свет во паралелна димензија во споредба со светот.
Но, и таа „традиционална “ рута за патниците од Струмица до Скопје е „забетонирана“ со години, па сеедно дали сте патувале во 1991 или во 2021, времето за возење е три часа.
Директниот автобус за таа линија е укинат, што значи дека за 150-тина километри попатно ќе застанете во три градови: Велес, Штип и Радовиш, за да се соберат и истоварат патници.
Траењето на паузите и возењето мора да бидат прилагодени на постојниот, односно стариот возен ред, кој определува три часа пат до Струмица. Па така, паузата во Штип зависи од времето на пристигнување. Ако е порано, ќе трае подолго.
Ниту подобрената патна инфраструктура не е доволна причина да се размисли за ревизија на возниот ред, па возачите често мора да „се влечат“, за да не дојдат прерано на автобуската станица.
Токму предолгото патување е главната причина за одливот на патници. „Младите се организираат на Фејсбук“, ни рече, посочувајќи ги затворените групи за „споделен превоз“ (carpooling), кој е особено популарен.
Дополнителна причина е што нема повратен билет за Струмица. Своевремено чинел 730 денари. По короната, компанијата издава билети само во еден правец. Сега таа релација е поскапа и чини 1.040 денари.
Повеќе продадени карти отколку седишта
Уште еден проблем е хаосот во продажбата на билети.
Соговорниците на Призма говорат за случаи на издавање повеќе билети од слободни места, па „кој ќе се снајде да се избори за место, ќе седне во автобусот, а другите ќе враќаат карти“.
Месар Омерагиќ од меѓуградската автобуска станица, која е најголема и најорганизирана и со која до 2030 година стопанисува „Руле турс“, за БИРН потврди дека короната негативно влијаела врз патниот превоз и поради тоа целосно ја исклучиле веб-страницата на автобуската станица.
Но, уверува дека тоа ќе се смени.
„Онлајн-купување патни билети е возможно, но во моментов се работи на веб-страница за онлајн-купување патни билети и за брзо време ќе биде пуштена во работа, но праксата ќе покаже дали и како ќе функционира тоа“,
вели Омерагиќ.
Превозниците самите ги известуваат дали да продаваат повратни билети. Причината зошто нема директна линија низ градовите ја лоцира во економската неисплатливост на превозниците.
Линиите за меѓуградскиот превоз ги огласува Министерството за транспорт и врски според Правилник, кој е изменет во 2019 година.
Автобуските станици – приказна за себе
Автобуските станици, пак, кои се најважниот дел од меѓуградскиот превоз, се „песна за себе“. Категоризирани се сите, но тоа на патниците не им значи ништо, бидејќи само една посета е доволна да се заклучи дека во најголемиот дел од нив, времето како да застанало.
Малку се оние, на кои, освен клупа и корпи за отпадоци, ќе најдете продавници, менувачници, банкомати и други содржини.
Климата таму каде што ја има, не значи и дека работи. Како на пример автобуската во Куманово.
Правилникот со кој се категоризираат автобуските станици и кој потесно уредува кои услови тие треба да ги исполнуваат е донесен пред точно 16 години.
Тогаш дигиталната комуникација била на друго ниво, па нема изречно пропишано дека автобуските мора да имаат функционална веб-страница со навремени информации за патниците и возен ред.
Неподнослива леснотија на неодговорност
На конкретните прашања до ресорното Министерство за транспорт дали се запознати со сите овие проблеми, БИРН добил одговор дека сè е уредено во Законот за превоз во патниот сообраќај и во правилниците.
За поврзувањето меѓу градовите чекаат иницијативи за склучување спогодби меѓу општините, какви што велат „имало неколку“.
На прашањето дали размислуваат за ревизија на линиите поради скратената и подобрена патна инфраструктура, го исцитираа тоа што е познато дека автобусите попатно застануваат во сите градови.
И додека сите овие проблеми тлеат, објавија нов оглас за одобрување нови возни редови и промена на постојните.
Судејќи според условите, кои се идентични како и досега, но и интересот за адресирање на овие прашања, изгледа дека малку од проблемите ќе може да се решат.
Целото истражување на БИРН може да го прочитате на слениот линк.