Беше ноември 2017 година, кога членовите на Советот на јавни обвинители расправаа кој да биде идниот државен обвинител. Во записникот од седницата, тогашни и актуелни членови ги опишуваа кандидатите: за еден рекоа дека „се рекламирал себе на телевизија“, дека е „негативен“, трет дека е „дрзок“, четврти дека е „безобразен“… Дискусија за професионалната работа на кандидатите (особено за број и сложеност на предмети, претставки…) речиси и да немало, а разговорите биле саде лични впечатоци, пишува „Призма“ во најновиот коментар по вчерашниот избор на обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство-Скопје.
Дел од коментарот, прочитајте го во продолжение:
„Четири години подоцна, со мали промени во составот, Советот избираше обвинители што треба да гонат организиран криминал или да бидат унапредени во скопското Вишо јавно обвинителство.
Секој што ја изгледа последната седница на обвинителскиот совет, лесно ќе заклучи дека посодржинска дискусија има при избор на куќен совет, отколку кога се избираат или се унапредуваат обвинители во Македонија.
Беа избрани и унапредени по пет обвинители, а расправа за професионалните квалитети на кандидатите немаше, всушност немаше никаква расправа и изгледаше како ептен под принуда да е тргната завесата од некој настан пост фестум, па публиката имаше можност да види само како се раскренува сцената со уморни и преглумени актери.
Советот на јавни обвинители неодамна доби „шлаканица“ од американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнс, која на денот на правосудството, 31 март, го искритикува ова тело дека не пуштила новинарска екипа на една од јавните седници, па првиот човек на Советот мораше да се правда дека станува збор за недоразбирање.
По оваа критика, Советот (во правосудството кое нели е отворено како пупка), кој постојано се правда дека нема услови за јавноста да биде присутна (мала сала, немање доволно човечки ресурси), најде начин изборот на обвинители да биде јавен, онака како што впрочем налага Законот за Советот на јавните обвинители.
Ова е, всушност, првпат јавноста да види како (не) треба да се избираат обвинители: како на лента во производствен фабрички погон, без дискусија и со необразложени одлуки. Какви ли се другите седници на Советот кога нема јавност?
Здодевно беше да се слуша како првиот човек на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, како на аукција ги собира и ги пребројува гласовите од колегите, затоа што речиси целата седница беше потрошена за јавноста да слуша репетитивно само два збора: „за“, „против“, „за“, „против“, „за“, „против“…
Чувме дека сите пријавени добиле високи оценки, но не слушнавме образложенија за ниту еден од кандидатите. Ниеден член на обвинителскиот совет не се јави да каже макар една реченица и да образложи зошто некој кандидат треба да гони организиран криминал“, пишува „Призма“.
Целиот коментар може да го прочитајте ТУКА.