Има од групации со повеќе сајтови до портали за слатки и солени рецепти, објавува „Призма“
Групации со повеќе портали во обид да си ги зголемат можностите за заработка, сајтови со непознато сопствеништво или без наведен импресум, портали формирани неодамна, како и сајтови што не објавуваат дневни и политички информации – сето ова може да се најде на списокот од 249 онлајн медиуми што се пријавиле во Државната изборна комисија за да земаат државни пари за партиски реклами, за време на кампањата за претседателските и за парламентарните избори.
Ова е рекорден број досега, објави „Призма“. За локалните избори во 2021 година се пријавија 176 портали, а за парламентарните во 2020 имаше 235 пријави.
Пријавувањето не значи дека сите ќе добијат пари. Ако името на порталот се најде на регистарот на ДИК, тој само се стекнува со правото и со можноста да им понуди на партиите и на кандидатите да објавуваат предизборни реклами на неговите страници. Учесниците на изборите ќе може да одлучат на некои портали да пласираат реклами, а на други не. Доказите за објавените реклами на крајот се носат во изборната комисија, која ги исплаќа медиумите од државниот буџет.
За колку пари станува збор? Од вкупната сума што Државната изборна комисија пресмета дека ќе биде потребна за предизборното рекламирање во двете паралелни кампањи – 10,6 милиони евра, околу 25 отсто, или максимум 2,7 милиони евра ќе може да се распределат меѓу овие портали и 11-те печатени медиуми.
Еден портал, од еден учесник на изборите може да добие реклами во вредност од најмногу 15 000. Но, ако една фирма има повеќе портали, може да земе по толку пари за секој од нив, како што и се случуваше во минатите изборни циклуси.
Преостанатите 75 отсто од сумата што ја пресмета ДИК ќе се исплаќаат за рекламирање на 37-те телевизии и на 35-те радија што се пријавиле во регистарот за платено политичко рекламирање.
Целото анализа на „Призма“ може да ја прочитате тука.