Ратите стигнуваат побрзо од правдата
„Сакам да донирам, потребна ми е [твојата] лична карта“ е фејсбук-пораката што ќе ѝ го измени животот на Марија. Порака што ќе ѝ донесе многу нервози, голем долг – од неколку брзи кредити и срам што воопшто дозволила тоа да ѝ се случи. Поради тој срам и за БИРН говори со молба да не го користиме нејзиното вистинско име, туку само – Марија, пишува „Призма“ во последното истражување.
Пораката стигнува неколку дена по Нова година, откако на Фејсбук споделува повик за помош на момче болно од рак, кое бара донации од хумани граѓани за лекување во странство.
Не ѝ е првпат да сподели ваков апел, но и да донира, кога може и колку што може. Но, сега поривот е уште поголем, затоа што пред неколку месеци и самата станува мајка.
„Сега сум пред Вестерн (унион)“, ѝ пишува жената од Фејсбук, додека ѝ праќа слика од сопствената лична карта, придружена со фотографија од филијалата за трансфер на пари пред која стои во моментот.
Објаснува дека е во странство и се обидува да донира за болното момче, ама трансакцијата е одбиена, па итно бара некој на чија сметка ќе ги прати парите во Македонија.
Нашата соговорничка е поспана, се бори со постпородилна депресија, но желна да помогне, па на Фејсбук праќа сѐ што ѝ бара жената – слика од лична карта, сметка, здравствено бројче… На крај, таа прави и селфи држејќи ја пред себе личната карта, затоа што во Вестерн унион прават детални проверки. Сепак, се работи за пари од странство.
По првпат прима пари на овој начин, па нема да се посомнева ниту кога следниот ден жената ќе ѝ побара и втора сметка, таа од сопругот, за да донира уште 100 евра за болното момче. На прсти влегува во спалната додека тој спие, за да ја слика и прати неговата лична карта.
Парите ќе стигнат за еден час, ја уверува жената, на што таа од срце се заблагодарува.
Целото истражување можете да го прочитате ТУКА
Фото: БИРН