И „Демократска Бугарија“, последниот потенцијален коалиционен партнер на победникот на изборите во соседна Бугарија „Има таков народ“ на Слави Трифонов, го отфрли предлогот за малцинска влада на ТВ-шоуменот
Ако Трифонов не ретерира од одлуката да не коалицира, а бара поддршка за негова влада иако има само 1/4 од Народното собрание, се поизвесно е дека на Бугарија и претстојат нови, трети по ред парламентарни избори годинава
Бугарските граѓани викендов гласаа на парламентарни избори. И тоа по втор пат за само четири месеци откако распоредот на мандатите по гласањето во април не доведе до формирање парламентарно мнозинство и политичка влада.
Дали поради одморите, дали поради недостатокот на понуда, ливче во гласачката кутија ставиле само 41% од оние со право на глас, пишуваат тамошните медиуми. Или, на секои 100 полнолетни само 41 одлучиле да го искористат своето граѓанско право.
И без гласовите на тие што апстинираа, изборот е направен. За разлика од април, кога победи ГЕРБ на Бојко Борисов, најмногу гласови сега освои „Има таков народ“ на ТВ-шоуменот Слави Трифунов. Според симулацијата на бугарски „Дневник“, во 240-членото бугарско Народно собрание, партијата на Трифунов би требало да има 65 пратеници, ГЕРБ на Борисов 63, БСП 36, Демократска Бугарија 34, ДПС (Движење за права и слободи) 29 и коалицијата „Исправи се!“ – 13.
Иако се е во ред за теоретски да може да се состави влада, во пракса тоа е речиси невозможно.
Слаба „врска со реалноста“
Бугарските медиуми и аналитичари уште во неделата говореа за можните пост-изборни коалиции, но сите тези паднаа во вода веќе ден по изборите. Лидерот на „Има таков народ“, во првото обраќање по изборите, изјави дека нема намера да коалицира со други партии и истовремно предложи владин кабинет пред јавноста иако не го добил мандатот. А бугарските закони велат дека за избор на влада се потребни 50% + 1 глас од присутните пратеници, што значи дека се потребни 121 пратеник ако сите се присутни на пленарната седница за гласање влада. За потсетување, Слави Трифунов уште тогаш знаеше дека ќе освои околу 60 пратеници, што и тогаш и сега значи дека ќе му требаат уште речиси толку за избор на негова влада.
Од тоа обраќање на Трифонов, свој став за „понудата“ дадоа сите партии со кои „Има таков народ“ би можела да коалицира. Ниту еден опозициски политички лидер во Бугарија ни оддалеку не ја прифаќа таквата идеја.
Последен со коментар се јави најголемиот потенцијален партнер на Трифонов, со што практично се затвора можноста во Бугарија да се формира влада и по овие избори, освен ако Трифонов не ретерира (или ако ГЕРБ и ДПС не решат да ја поддржат). Лидерот на „Демократска Бугарија“, која е една од трите т.н. „протестни партии“ што произлегоа од протестите во Бугарија (останатите две се токму „Има ли таков народ“ на Слави Трифонов и коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“), Христо Иванов, повика на „враќање во реалноста и на здравиот разум“. Во спротивно, изјави Иванов, предлогот за влада на Трифонов ќе биде оставен на милост и немилост на ГЕРБ и ДПС што би значело и предавство на гласачите.
Лидерот на Демократска Бугарија изрази загриженост и за дел од имињата кои ги предложи Трифонов, како и за недостаток на заложби за судски реформи и смена на државниот обвинител, Иван Гешев.
„Тоа е или грешка или провокација“, коментира Иванов.
„Мојот повик е да сфатиме дека ова повеќе не е шоу туку дека ние сме професионалци кои мора да ги претставуваат луѓето и каузите и да имаме одговорност пред оние кои не избраа. Мора да има дијалог. Се надевам дека ќе има преиспитување на пристапот. Не сакам да ја затворам вратата, иако се чини дека решението е да се предизвика скандал и раздор. Мислам дека одговорноста мора да преовладува. Им се обраќам на пратениците од ИТН: Се надевам нема да дозволите да бидете третирани како стадо и да гледаме како се распаѓа можноста за консензус“,
вели лидерот на „Демократска Бугарија“.
Предлогот на Трифонов не наиде на разбирање и од коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“. Во интервју за Бугарското национално радио, Николај Хаџигенов, еден од лидерите на протестите, сега член на раководството на партијата која ја предводи поранешната народна правобранителка, Маја Манолова, истакна дека Слави Трифонов со своето поведение ја урива парламентарната република.
„Ние се откажуваме од учество во Фејсбук република, во телевизиска република, во шоу република. Благодарам, но тоа е нешто против кое се борам 12 години. Нема да дозволам тоа да продолжи. Коалицискиот совет реши да не го поддржи предлогот на Слави“,
изјави Хаџигенов од „Исправи се! Мафијата надвор“.
Според него, апсурдно е владата да се предлага преку социјалните мрежи. Нему тоа му наликува на, како што вели, диктаторското однесување на Бојко Борисов. Тој е разочаран, бидејќи очекувал Трифонов да постапи поинтелигентно.
„Очигледно е дека сум бил во грешка. Слави сака да си направи сопствен ГЕРБ и сите да носиме зелени гаќи, ако така решил суверенот. Единствената разлика од Бојко е во тоа што тој ги даваше командите снимајќи се во својот џип, додека Слави тоа го прави од својата канцеларија, од својот Фејсбук профил.
Веројатно се движиме кон нови предвремени избори. Освен ако ГЕРБ не решат да ја поддржат владата на Слави Трифонов. Тогаш би можело да стане интересно“,
рече Хаџијанев.
И досегашната опозициска партија во парламентот, БСП, предводена од Корнелија Нинова, излезе со став дека нема да го поддржат предлогот на Трифонов.
„БСП нема да ја поддржува владата и мерките кои ги предлага лидерот на ИТН“,
вели Нинова.
Таа смета дека не само што нема да има никакви промени во моделот на владеење туку истиот ќе се продлабочи. Нинова негодува со планот на Трифонов за приватизација на Бугарската развојна банка, со коментар дека, најверојатно, веќе се знае и кој ќе биде купувачот.
Таа нагласува дека левицата мора да се води според четирите приоритети: промена на моделот на владеење, враќање на државноста, социјалната политика и стабилноста и безбедноста на Бугарија.
„Не се боревме толку години за да замениме еден авторитарен режим со друг“,
вели Нинова.
Борисов: Ова е игра на Румен Радев
Но, освен од опозициските, критика за Слави Трифонов стигна и од доскорешната владејачка партија, ГЕРБ на Бојко Борисов. Според поранешниот премиер, Трифонов требало да ги претстави своите приоритети пред останатите партии кои изборија учество во парламентот и да бара поддршка за одделни политики.
„Со својата изјава, лидерот на ИТН сака да се ослободи од политичката одговорност, особено затоа што тој самиот не е кандидат за ниту една од позициите во владата. Слави Трифонов само сака да си ги измие рацете со овие луѓе. Одговорноста се носи со потпис и лично“,
рече Даниел Митов, кандидатот за премиер на ГЕРБ.
Борисов неколку пати повтори дека воопшто не очекува ИТН да направи влада.
„Планот им е друг. Бојко Рашков (актуелниот прв човек на МВР н.з) да беснее на функцијата додека може, додека не исчепка се што може. Тоа е играта на Румен Радев. Да остане техничката влада на власт. Тоа е сценариото“,
изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. .
Бојко Борисов соопшти и дека ГЕРБ ќе предложат кабинет кој би го предводел Митов. Тој беше нивен кандидат и по априлските избори, но откако не успеа да дојде до мнозинство, Митов го врати мандатот за состав на бугарската влада.
Ништо од бугарските и „северномакедонските“ астронаути?
Заеднички за сите критики кон Трифонов е што му се забележува дека не поседува осет за политичка кулутра која подразбира преговори, договорање и компромиси. Во своето обраќање до јавноста, вчера, Трифонов ги претпостави тие позиции и се обиде да објасни дека владата не треба да биде на политичарите, туку на граѓаните.
Развивајќи ја таа теза, аргументираше дека така избраната малцинска влада, како што тој предлага, ќе биде под силна контрола на Народното собрание и дека работата на владата ќе се цени според заслугите, а не според однапред осигурано политичко мнозинство и поддршка. Трифонов зборуваше за враќање на контролната моќ на парламентот и народните избраници наместо концентрирање на моќта во рацете на еден човек – премиерот.
А потоа, во истото обраќање во кое се обиде да ја објасни својата политичка филозофија, Трифонов изјави дека ќе направи се што е во негова моќ за да испрати еден маж и една жена, бугарски астронаути, во НАСА. Вети и дека ќе направи се што е во негова моќ на нив да им се придружи и еден „северномакедонски астронаут“. Како што кажа, дошло време да се гледа кон небото. Сите политички фактори во Бугарија брзо му порачаа дека прво мора да работи на земјата.