Од МВР велат дека веќе е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава
Трите лица кои имаа закачено коњ за задниот дел од автомобил и го влечеа по улица во Скопје денеска се приведени.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи станува збор за дваесетгодишниот Р.С., дваесет и четиригодишниот С.С. и педесет и четиригодишниот А.С кои се приведени на улицата Благоја Стефковски во Скопје и кои се осомничени за сторено дело мачење на животни.
„Денеска на улица Благоја Стефковски во Скопје од страна на полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Гази Баба лишени се од слобода С. С. (24), Р. С. (20) и А.С. (54) од Скопје поради основано сомнение за сторено кривично дело по член 233 од Кривичниот законик (мачење животни) сторено на 01.03.2023 околу 13 часот на улица Коце Металец во Скопје, при што измачувале коњ“,
се вели во соопштението од МВР.
Оттаму велат дека е известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.
Приведувањето на тројцата скопјани доаѓа откако вчера на социјалните мрежи почна да се споделува видеоснимка на која се гледа како коњ е врзан за задниот дел од автомобилот и кога во еден момент, возачот на автомобилот најверојатно ја зголемува брзината на движење, коњот паѓа на улицата по што тројцата мажи го креваат и откако коњот застанува на нозе тие се враќаат во автомобилот.