Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицето било уапсено во текот на вчерашниот ден
31-годишен маж од Свети Николе е приведен од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе затоа што во текот на вчерашниот ден околу 13 часот и 30 минути кај местото „КрушкИ“ во атарот на Свети Николе предизвикал пожар во руинирана куќа, кој подоцна се проширил на сувата трева околу куќата.
„По насоки од ОЈО Свети Николе М.Ј. е задржан во ПСОН Свети Николе, а потоа со соодветна пријава е изведен пред судија на претходна постапка од Свети Николе, кој му определил мерки на претпазливост“,
се вели во соопштението на МВР.
Пожарот бил локализиран од пожарникари од Територијалната противпожарна единица-Свети Николе и локалните жители.
Пред два дена беше уапсен и маж од радовишкото село Али Коч поради подметнување пожар во близина на селото, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Територијалната противпожарна заштита од Радовиш пред два дена пријавиле во Одделението за внатрешни работи дека околу 12 часот на две места во близина на селото Али Коч настанале пожари во кои горела дабова шума.
Полициските службеници, по преземените мерки, утврдиле дека лицето С.Р. од истото село ги подметнало пожарите. Со тоа, како што велат од МВР, мажот сторил две кривични дела и тоа за предизвикување општа опасност и предизвикување шумски пожар. Лицето било приведено и во службен разговор признало дека ги сторило кривичните дела по што било задржано во полициската станица во Радовиш.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку социјалните мрежи упати апел до граѓаните да постапуваат совесно и одговорно и најави жестоки мерки од страна на МВР кон секој што намерно предизвикува пожари.