Превозниците велат дека нема да се откажат од намерата да разговараат со градоначалничката и дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите што во моментов им ги должат надлежните

Приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утрово ги паркираа автобусите на булеварот „Илинден“ и најавуваат дека таму ќе останат до доцните попладневни часови.
Возачите откако ги паркираа автобусите, во знак на револт поради ненавремената исплата на долгот што кон нив го има ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје, чекаат средба со градоначалничката Данела Арсовска за да најдат заедничко решение околу настанатата состојба во јавниот градски превоз, која трае предолго и е на штета на граѓаните.
Превозниците велат дека нема да се откажат од намерата да разговараат со градоначалничката и дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите што во моментов им ги должат надлежните.
„Бараме прием кај градоначалничката, да се сретне директно со нас, да се погледнеме во очи. Освен ако не се смета градоначалничката за личност од прв ред или, пак, некако привилегирана, не знам по која основа. Денеска бараме да нè прими и сите мирно еве чекаме пред влезот на Град Скопје“,
вели претставникот на превозниците, Кемал Муриќ.






Доколку оваа блокада нема исход, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, на вчерашната прес-конференција најави дека в понеделник, почнувајќи од 6 часот, главниот град ќе биде целосно блокиран, односно приватните превозници ќе ги блокираат крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и кај Црвениот крст и на булеварот „Илинден“.
Ова, како што апелираше Јовановски, е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите.
„Нервозата расте, загрижени се, ги пратат изјавите и состојбата е многу напната, затоа апелираме до сите институции, дури и државните, да се вклучат како медијатори во решавање на овој проблем, со цел оваа ситуација да не ескалира“,
апелираше Јовановски.
Од Град Скопје, вчера, пак, преку соопштение кажаа дека го раскинуваат договорот со здружението на приватните превозници „Слобода превоз“. Причината за раскинување на договорот, како што се наведува во соопштението, е неисполнување на обврските кои произлегуваат од него.
„Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, ‘Слобода превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат“,
се додава во соопштението.