Министерството за внатрешни работи информира дека приватна детска градинка во Скопје работела и покрај забраната поради пандемијата со ковид-19.
„СВР Скопје – ЕВР Карпош ќе поднесе кривична пријава против Т.И. и Е.Н., двете од Скопје, и против приватна детска градина лоцирана во кругот на основно училиште на ул. ‘Карпошово востание’ во Скопје, поради постоење основи на сомнение непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по член 206 од Кривичниот законик. На 16.07.2020 околу 10.30 часот, по претходна добиена пријава од граѓанин дека градинката работи и згрижува деца, полициски службеници од ЕВР Карпош излегле на местото, при што било утврдено дека детската градинка работи и дека се згрижени осум деца, а во неа работат и 12 лица, меѓу кои и директорката Т.И. и сопственичката Е.Н“,
се вели во соопштението.
Во координација со Јавен обвинител на местото излегле претставници на Државниот санитарен и здравствен инспекторот и Државниот инспекторат за труд.
Тие констатирале дека не биле почитувани протоколите за работа на градинки во услови на прогласена пандемија на коронавирус, поради што детската градинка ја затвориле и ги известиле родителите да си ги земат децата.
Инаку, градинките во државата беа затворени со цел да се стопира ширењето на коронавирусот. На крајот од минатиот месец министерот за здравство Венко Филипче рече дека поради новиот бран на заболени тешко може да се каже кога повторно ќе се отворат.