Седумнаесетгодишникот не ја приспособил брзината на движење кон состојбата на патот и со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место

Основното јавно обвинителство побара притвор за малолетникот кој во сообраќајна несреќа, вчера вечерта, возејќи автомобил со неприлагодена брзина усмрти седумдесет и едногодишен пешак.
Малолетникот, како што се наведува во извештајот од Обвинителството, без возачка довола, вчера вечерта, управувал автомобил „фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, седумнаесетгодишникот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето.
„Возејќи по улицата „Босна и Херцеговина“, стигнал до крстосница со улиците „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место“,
се посочува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата за деца доставил предлог за определување мерка притвор бидејќи оценил дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречи постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото.