Двајца од четворицата затворски полицајци на кои им избега затвореникот и осуденик за убиство, Беким Мемети, при спровод од КПУ Идризиво до Клиничкиот центар, добија мерка притвор, потврдија за „360 степени“ упатени извори од обвинителството. Осум дена притвор добил и командирот кој бил на смена критичната вечер (на 12 јанаури 2023 година). Во текот на денот се очекува соопштение од судот или обвинителството со повеќе детали.
Во спроводот на Беким Мемети учествуваа четири затворски полицајци. По пат, комбето со кое го превезувале Мемети било пресретнато, по што барем еден од полицајците бил разоружан и со тоа оружје е повреден еден од чуварите. По инцидентот, МВР објави:
„Според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М. од КПУ ‘Идризово’ кон Ургентниот центар ‘Мајка Тереза’, на автопатот осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х. од затворската полиција, пукал и го ранил. Потоа осуденикот побегнал со патничко возило ‘ауди’. Повредениот затворски полицаец е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош“,
Покрај двајцата полицајци кои се во притвор, третиот е се уште во болница, каде се лекува од повредите. Првичните информации беа дека му било пукано во нога, но потоа беше објавено и дека има огнострелна рана во стомакот. За четвртиот затворски полицаец, засега, нема информации дали има мерки за обезбедување.
Избеганиот Мемети е осуден за убиство кое го сторил во 2016 година во Мала Речица. Тој првично бил осуден во отсуство, бидејќи не бил достапен за органите на прогонот. Во 2020 година бил уапсен во Берлин, Германија и екстрадиран во земјава. По екстрадицијата, против Мемети била повторена судската постапка во која тој повторно е осуден на долгогодишна затворска казна.
Според порталот „А1он“, пак, командирот на смена кој сега е во притвор во минатото бил осудуван за поткуп. Имено, тој бил припадник на полицијата но бил избркан од работа токму поради незаконски дејства.
Во врска со бегството на осуденикот Мемети, ОЈО за Гонење на организиран криминал издаде наредби за обезбедување на снимки од видеонадзорот во Казнено поправната установа, листинзи од телефоните на службените лица за да се утврди дали постојат основи на сомнение за кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода.