Првоосомничена во случајот е жена која по девојчето жртва, заедно со деветгодишна сестра и седумгодишен брат, ги прифатила во својот дом за да се грижи за нив поради нарушени односи во нивното семејство. Потоа, почнала да го подведува 14-годишното дете заканувајќи му се, меѓу другото, и со тоа дека ќе ги даде помалите сестра и брат во дом или ќе ги врати кај мајката. Во целиот случај се вклучиле и други лица, а цената по која го продавале девојчето се движела од 50 до 200 евра
Деветмина од вкупно 11 осомничени во истрагата за трговија со дете добија притвор од 30 дена, потврдија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) откако предлог за ваква мерка беше поднесена до Основниот кривичен суд.
За двајцата останати дополнително ќе се одлучува со оглед дека едниот е на болничко лекување, а другиот во бегство.
И од ОЈО ГОКК и од МВР, претходно соопштија детали за случајот, наведувајќи дека станува збор за сомнежи дека дел од осомничените подведувале 14-годишно девојче на сексуални услуги, а дел ги користеле услугите.
Првоосомничена во случајот е жена која по девојчето – жртва, заедно со деветгодишна сестра и седумгодишен брат, ги прифатила во својот дом за да се грижи за нив поради нарушени односи во нивното семејство. Потоа, почнала да го подведува 14-годишното дете заканувајќи му се, меѓу другото, и со тоа дека ќе ги даде помалите сестра и брат во дом или ќе ги врати кај мајката.
„Подоцна, уште тројца од осомничените, по претходен договор со првоосомничената, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист, две години, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, го подведувале детето на вршење полови дејствија по пат на сексуална експлоатација со останатите осомничени и други НН лица меѓу кои имало и жена. Осомничените корисници на сексуалните услуги, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со дете, на подведувачите им исплаќале паричен надомест во висина од 50 до 200 евра“,
соопштија од ОЈО ГОКК.
За кривичното дело што им се става на товар на осомничените и кое директно го крши Протоколот кон Конвенцијата за правата на детето што се однесува на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија, е предвидена казна затвор во траење од најмалку осум години, додека за делото сторено од првоосомничената најмалку 10 години.