Во наредните четири недели, секоја недела германската компанија „Дермалог“ треба да испорачува по 950 уреди. Даштевски вели дека не може да каже како ќе помине изборниот ден со оглед дека првпат во земјава ќе се користат уреди за отпечатоци од прсти за идентификација на гласачи, но се надева дека изборите ќе поминат добро
Попладнево во Државната изборна комисија (ДИК) пристигнаа 200 терминали за читање отпечатоци од прсти од германската компанија „Дермалог“, уреди кои на локалните избори во октомври за првпат ќе се користат за идентификување на гласачите. Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски очекува дека и покрај тоа што претходно не е спроведена пилот односно пробна програма во неколку општини, сè ќе помине добро и нема да има проблеми на изборниот ден.

„Јас реков дека ова е првпат, секогаш првпат е најтешко. Ние сме земја која не направи пилот програма, така што сè што се случува ќе се случува тогаш и ќе видиме како ќе помине. Пилот програмата би значела неколку општини да се применува за да видиме како функционира тоа. Ние се обидовме сите детали да ги прецизираме бидејќи нема пилот за се да биде направено како што треба пред да започне процесот. Се надевам дека ќе биде во ред, сега за денот на изборите на изборите не можат ништо да кажам бидејќи е првпат. Сметам дека ќе помине добро, но да почекаме“,
изјави Даштевски.
Тој вели дека нивна законска е да ги применат уредите и дека веројатно нивното користење ќе ја зголеми довербата во изборниот процес.
„Одлуката е донесена со консензус на сите политички партии во Собранието и сметам дека штом сите сметаат дека треба да се гласа со нив, законот е веќе изменет пред две години и ние мораме да ја спроведеме таа законска обврска без оглед на тоа што ќе биде резултатот. Тоа е направено така во согласност со сите партии поради тоа што веројатно се верувале дека изборите ќе бидат потранспарентни и дека ќе обезбедат подемократски процес“,
вели претседателот на ДИК.
Денешните 200 терминали ќе се користат за обуки на членовите во избирачките одбори, ќе има два циклуси на обуки, а во меѓувреме треба да пристигнат и останатите терминали, софтверот и останати материјали.

Германската компанија треба да испорача вкупно 4 000 уреди. Тие треба да пристигнат во четири пратки од по 950 во наредните четири недели (секоја недела по една пратка), со тоа што со третата треба да пристигне и софтверот, а помош во користењето ќе има и од инженери на „Дермалог“.
„Не се само терминалите, има додатна опрема, кабли, батерии за каде нема струја уредите да може да работат 24 часа, податоците ќе бидат криптирани, а знаете дека криптирањето е најскапа операција … Така што, покрај опремата ние купивме и услуга, тие да бидат тука и да го завршат процесот до крај бидејќи нашите инженери не ја познаваат оваа опрема и тие може само да соработуваат со нив. Значи купена е и услуга која ќе биде од доставувањето до завршувањето со обуките и за денот на изборите“,
рече Даштевски.
Последната пратка од германската компанија треба да пристигне на 1 октомври, но од ДИК не исклучуваат доцнење од два-три дена што тврдат, нема да влијае на процесот бидејќи планот е уредите да се „наполнат“ со податоци до 13 октомври, а два дена пред изборите (15 октомври) да се достават до општинските изборни единици.
Одлуката да се набават терминали од „Дермалог“ беше потврдена на почетокот на август годинава, кога од ДИК објавија дека Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила жалбата за доделената набавка поднесена од уште една компанија која конкурираше на тендерот.
*Поврзани вести:
(ВИДЕО) Сомнежи за местење на набавката за идентификација на гласачите со отпечаток од прст
Четири фирми во трка за 12 милиони евра вредниот тендер за терминали за отпечатоци од прст на ДИК
Системот за гласање со отпечаток од прст на „Дермалог“ ќе чини 11,2 милиони евра
Катиљ-ферман од Авганистан до ДИК: Нашето искуство со „Дермалог“ не е позитивно
Одбиена жалбата: Уредите за отпечаток од прст ДИК ќе ги набави од „Дермалог“