Косовската претседателка одлучи да го одликува синот на Џо Бајден за придонесот кој го имал за напредокот на Косово. Пред пет години, Косово по Бо Бајден го именуваше и патот во близина на базата Бондстил
В недела на церемонија, косовските власти постхумно ќе го одликуваат Бо Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, гест на кој претседателот се заблагодари порачувајќи дека Косово е во срцата на сите членови на неговото семејство.
Бо Бајден, беше државен обвинител во државата Делавер, почина во 2015 година на 47-годишна возраст од тумор на мозокот. Во Косово тој беше во 2001 година за да помогне во воспоставувањето судски институции и владеење на правото. Одлуката да го одликува постхумно за придонесот за напредокот на Косово, ја донесе претседателката Вјоса Османи, а по тој повод Џо Бајден снимил и порака во која зборува за неговиот син и се заблагодарува на одликувањето.
„Бо се заљуби во Косово, каде што отиде доброволно пред 20 години, за да ја поддржи независноста на Косово и вашата нова демократија и, пред сè, владеењето на правото. Во тоа време, Косово имаше свежи рани од војната и децении на тоталитарно владеење“,
вели Бајден.
Американскиот претседател вели дека неговиот син можел да види дека е можна иднина за оваа земја, сакал да помогне, како и дека од тогаш Косово постигнало напредок. Но, Бајден порачува и дека има уште многу работа во борбата против корупцијата, заштита на правата на етничките и верските малцинства, градењето на позитивни односи со соседите итн.
На церемонијата в недела, каде ќе се емитува и пораката од Бајден, орденот ќе го преземе американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.
Во 2016 година, една година по смртта на Бо Бајден, Косово одлучи по него да го именува и патот во близина на базата Бондстил.