Од утринава на мостот се забележуваат сили на италијанските карабинери, а по полициската акција распоредени се и блиндирани возила, јавуваат косовските медиуми
По вчерашното затворање на зградите на локалните самоуправи во четири општини на северот на Косово каде живеат мнозинство Срби од страна на косовската полиција во акција која наиде на осуда од САД и Европската унија, припадниците на мисијата КФОР утринава формираа кордон на Ибарскиот мост во Митровица со опрема за разбивање на демонстрации.
На мостот се забележува засилено присуство на италијански карабинери а распоредени се и неколку блиндирани возила. На јужната страна на мостот кој го спојува северниот дел на градот населен со мнозинство Срби, и јужниот дел населен со мнозинство Албанци има и неколку возила и припадници на КФОР.
Додека КФОР распоредува сили на мостот, пред четирите седиштата на општинските власти кои беа затворени во северниот дел на Митровица, Лепосавиќ, Звечан и во Зубин Поток е забележано присуство на косовска полиција. Во Митровица, косовска полиција стои и пред зградата во која се наоѓаат просториите на Канцеларијата за Косово и Метохија, пред зградата на Привремената управа.
Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, во изјава за РТС кажа дека Албин Курти спроведува етничко чистење.
„Станува збор за институции што се од витално значење за Србите, тоа не се паралелни инститции туку правни институции“,
рече Петковиќ.
Претходно денеска, Европската Унија изрази разочарување од континуираната некоординација на Приштина со меѓународните партнери и оти акцијата на полицијата за затоврање на српските институции ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот.
Вчера министерот за локална самоуправа во косовската влада, Елберт Красниќи, објави дека се затворени пет паралелни општини, односно дека веќе нема да функционираат паралелните општини во Косовска Митровица, паралелната општина Митровица, како и општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
„Денеска, по блиска координација меѓу институциите на Република Косово, затворени се паралелните нелегални институции на локалната самоуправа, кои работеа по директиви на Србија кршејќи ги уставноста и законите на Република Косово“,
рече тој.
Амбасадата на САД во Косово излезе со соопштение по рацијата на косовската полиција во српските општини посочувајќи дека изразува загриженост и разочарување поради континуираните некоординирани активности преземени од владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на српската заедница и другите малцински заедници во Косово.