Портпаролот на Унијата, Петар Стано, рече дека Европската Унија е разочарана од постапките на Косово и оти акцијата на косовската полиција на северот од земјата ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот
Вчерашниот упад на косовската полиција во зградите на привремените органи на владата на Србија во општините на северот на Косово наиде на низа критики од страна на меѓународната заедница. Откако американската амбасада во Приштина доцна синоќа изрази загриженост и ги осуди постапките на Приштина, денеска реакција пристигна и од Брисел.
Портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, кажа дека ваквите еднострани и некоординирани чекори на косовските власти на северот од земјата, кој е населен од доминантно српско население, ризикува натамошна ескалација на состојбата. Тој рече и дека Европската Унија е разочарана од континуираната некоординација на Приштина со меѓународните партнери и оти акцијата на полицијата ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот.
„ЕУ сака да повтори дека сегашната полициска операција против канцелариите поддржани од Србија може да доведе до понатамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација“,
се вели во соопштението, во кое се додава дека прашањето за канцелариите поддржани од Србија се очекува да се реши во рамките на дијалогот што го води ЕУ
Kosovo: 🇪🇺 statement on the latest unilateral and uncoordinated steps in the north by Pristina authorities, risking further escalation. https://t.co/Rk7yNpSmXv pic.twitter.com/A76neKUdxC
— Peter Stano (@ExtSpoxEU) August 31, 2024
Во соопштението на Делегацијата на Европската Унија во Приштина, пак, се вели дека ЕУЛЕКС веднаш добил задача да го надгледува извршувањето на операцијата на косовската полиција која не била претходно координирана и потсетува дека Приштина се обврзала на деескалација и оти тие ги игнорираат повиците на ЕУ дека е потребно избегнување на какви било дејствија кои може негативно да влијаат на безбедноста на луѓето.
Вчера министерот за локална самоуправа во косовската влада, Елберт Красниќи, објави дека се затворени пет паралелни општини, односно дека веќе нема да функционираат паралелните општини во Косовска Митровица, паралелната општина Митровица, како и општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
„Денеска, по блиска координација меѓу институциите на Република Косово, затворени се паралелните нелегални институции на локалната самоуправа, кои работеа по директиви на Србија кршејќи ги уставноста и законите на Република Косово“,
рече тој.
Амбасадата на САД во Косово излезе со соопштение по рацијата на косовската полиција во српските општини посочувајќи дека изразува загриженост и разочарување поради континуираните некоординирани активности преземени од владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на српската заедница и другите малцински заедници во Косово.
„Оваа акција не е координирана со ниту еден елемент на меѓународната заедница“,
се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Косово.