На фотографиите од пред замокот се гледа дека принцот Вилијам го вози автомобилот во кој се синовите на кралицата, принцот Ендру, принцот Едвард и сопругата на принцот Едвард, Софи
Принцот Ендру, принцот Едвард и принцот Вилијам пристигнаа во замокот Балморал, каде што во моментов престојува британската кралица Елизабета Втора, јави Би-би-си.
На фотографиите од пред замокот се гледа дека принцот Вилијам го вози автомобилот во кој се синовите на кралицата и сопругата на принцот Едвард, Софи.
Како што јавува медиумот, нејзиниот син, принцот Хари сам патува во Балморал.
Британската кралица Елизабета Втора е под медицински надзор во Балморал, откако лекарите се загрижија за нејзиното здравје, соопшти денеска Бакингемската палата, пренесува Би-би-си.
Поранешниот кралски дописник, Ричард Самнер, за Би-би-си вели дека внимателната формулација во изјавата на палатата сугерира оти „најверојатно се случува нешто сериозно“.
Британските власти имаат план за сè што ќе следи во случај на смрт на кралицата Елизабета Втора – од тоа како ќе биде соопштена веста до самиот погреб.
Во часовите по смртта на кралицата Елизабета Втора, за сè ќе бидат информирани премиерот, секретарот на кабинетот и голем број високи министри и функционери. Интерно, тој ден ќе се нарекува „Ден Д“. Секој следен ден ќе се вика Д+1, Д+2 итн, а погребот на кралицата, ќе се одржи 10 дена по нејзината смрт.
Доколку кралицата почине во Балморал, Шкотска, ќе се активира операцијата „Еднорог“, што значи дека нејзиното тело ќе биде пренесено во Лондон со кралски воз што е можно поскоро. Во спротивно, ќе биде иницирана друга операција што укажува дека ковчегот ќе биде пренесен со хеликоптер.