Како што пишува британски „Телеграф“, следната недела кралот Чарлс и војводата од Сасекс, Хари, ќе бидат во Лондон во исто време, што ги зголемува надежите за нивна заедничка средба. Сепак, според весникот, доколку се сретнат, таа средба би била куса поради веќе закажаните работни обврски на кралот Чарлс
Принцот Хари на почетокот на мај ќе ја посети Велика Британија за да присуствува на свеченоста која ќе се одржи по повод 10-годишнината од игрите „Инвиктус“, мултиспортско натпреварување за ранети и болни војници кое тој го основал уште во 2014 година, пренесува Ројтерс.
Се очекува на 8 мај Хари да одржи говор во катедралата „Свети Павле“, каде што ќе се одржи и богослужба по повод одбележувањето на настанот.
Хари последен пат ја посети Британија во февруари годинава, по објавата дека на неговиот татко, кралот Чарлс, му е дијагностициран рак. Тогаш двајцата имаа куса средба.
Потоа се очекува Хари да замине на посета на Нигерија, каде што, како што соопшти неговиот портпарол, ќе му се придружи и сопругата Меган.
Како што пишува британски „Телеграф“, следната недела кралот Чарлс и војводата од Сасекс, Хари, ќе бидат во Лондон во исто време, што ги зголемува надежите за нивна заедничка средба. Сепак, според весникот, доколку се сретнат, таа средба би била куса поради веќе закажаните работни обврски на кралот Чарлс.
Како што пишуваат британските медиуми, во среда, на 8 мај, кога во Лондон ќе биде Хари, кралот Чарлс има закажана дневна агенда, односно има аудиенција кај премиерот Риши Сунак. Кралот веќе имал и закажани состаноци и ангажмани за крајот на неделата.
Пред неколку дена од Бакингемската палата соопштија дека кралот Чарлс ќе се врати на јавните обврски откако ќе постигне добар напредок во лекувањето и откако ќе помине периодот на закрепнување.
Во февруари беше објавено дека на британскиот крал Чарлс Трети му е дијагностициран рак.
Хари, помладиот син на кралот Чарлс, живее во САД со својата сопруга Меган и нивните две деца откако се откажа од обврските како член на кралското семејство во 2020 година. Оттогаш тој се врати во Британија само во неколку наврати за да присуствува на големи настани важни за кралското семејство, како што е погребот на кралицата Елизабета во 2022 година и крунисувањето на неговиот татко во мај 2023 година.
Во март, Кејт Мидлтон, принцезата од Велс, откри дека ѝ е дијагностициран рак и дека е на превентивна хемотерапија.
Принцот Хари и Меган тогаш објавија кратка изјава во која ѝ посакуваат здравје на принцезата од Велс.