Најголем дел од новозаразените, или вкупно 27, се во Скопје, четири се во Тетово, а по еден случај е пријавен во Прилеп, Кичево и во Велес. Новозаболените се на возраст од еден месец до 73 години, а најголем дел се под една година и од пет до девет години

Вкупно 34 нови случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, во периодот од 17 до 23 мај, што е намалување од 22,7 отсто во споредба со минатата седмица.
Најголем дел од новозаразените, или вкупно 27, се во Скопје, четири се во Тетово, а по еден случај е пријавен во Прилеп, Кичево и во Велес. Новозаболените се на возраст од еден месец до 73 години, а најголем дел се под една година и од пет до девет години.
Од новите 34 случаи, како што информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), три се хоспитализирани.
Во однос на вакциналниот статус на заболените, седум лица се комплетно вакцинирани, девет се вакцинирани согласно возраста и 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус.
Според ИЈЗ, заклучно со 23 мај, во земјава се регистрирани вкупно 631 нов случај на голема кашлица со инциденца од 34,4/100.000 жители што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.