Во објектот во Штип било утврдено и дека обезбедувањето ја извршувало дејноста без потребните лиценци утврдени со закон

Полициски акции ноќеска биле извршени во два објекти од кои едниот се наоѓал на патот Тетово-Гостивар, а другиот во Штип. При контролите, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), во првиот објект биле пронајдени и приведени пет странски државјанки.
„При контролата на угостителскиот објект поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување во земјава спротивно на целта, биле приведени пет странски државјанки од Украина, Србија и Албанија, на возраст од 28 до 37 години“,
информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека тие биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
Во објектот во Штип, пак, било затекнато малолетно лице, а било приведено и едно лице кај кое полицијата пронашла кесичка со бела прашеста материја.
„Во објектот е затекнато 17-годишно малолетно лице од Штип кое во угостителскиот објект консумирало алкохолен пијалак, за што ќе следуваат соодветни поднесоци. Исто така, при контролата од страна на полициските службеници кај лицето А.С. (29) од Струмица посетител на објектот е пронајдена и одземена една зипер-кесичка со н.н. бела прашеста материја, лицето е приведено и против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.
Воедно, како што се наведува во соопштението, утврдено е дека обезбедувањето на угостителскиот објект ја извршувало дејноста без потребните лиценци утврдени со закон, а пак од страна на инспекторите од Државен пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи констатирани се недоследности од нивна надлежност за што биле изречени соодветни мерки.