Регионалниот гувернер на Тесалија, Константинос Агорастос, за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во судирот, додека првите два вагони, кои се запалиле, биле речиси целосно уништени
Најмалку 32 лица загинаа, а 85 се повредени при судир на два воза во близина на грчкиот град Лариса околу полноќ, соопштија пожарникарите. Во централна Грција се судрија патнички и товарен воз, а спасувачките екипи ги извлекуваат патниците од згмечените вагони.
„Евакуацијата на патниците е во тек во многу тешки услови со оглед на сериозноста на судирот на возовите“,
изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакогијанис.
Регионалниот гувернер на Тесалија, Константинос Агорастос, за ТВ СКАИ изјави дека првите четири вагони од патничкиот воз излетале од шините во судирот, додека првите два вагони, кои се запалиле, биле речиси целосно уништени.
Гувернерот рече дека двата воза се движеле еден кон друг по истата пруга.
„Тие патувале со голема брзина и еден возач не знаел дека другиот доаѓа. Тоа беше многу голема несреќа. Тешко е да се опише сцената“,
рече тој.
Патник што ја преживеал несреќата во изјава за Ројтерс раскажува што доживеал.
„Слушнавме голема експлозија. Беа десет секунди ужас. Се превртувавме во вагонот додека не паднавме на страна и метежот престана. Потоа настана паника. Огнот беше десно и лево, насекаде… Десет или петнаесет секунди беше хаос. Превртување, пожари, закачени кабли, скршени прозорци, луѓе што врескаат, луѓе заробени“,
рекол патникот Стергиос Миненис.