Сите маркети што „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ, истакнале претставници на оваа компанијата на денешната средба во Владата со премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Според соопштението од владината прес-служба, плановите на менаџментот се првата инвестиција во Северна Македонија да биде преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Опремата што ќе се користи во центарот за логистика, велат, е според најсовремените стандарди во Европа.

„Плановите на ’Лидл‘ за инвестициите во Северна Македонија се да оствари долгорочна, одржлива, одговорна соработка, како со своите клиенти, деловни партнери, така и со своите вработени, но истовремено да дејствува како општествено одговорна компанија со одговорност кон животната средина. Менаџментот на компанијата истакна дека се надева на конструктивна соработка со македонските институции и во иднина“,
велат од Владата.
Како претставници на менаџментот на германската компанија „Лидл“ на средбата во Владата присуствувале Волф Тиедеман – член на Управниот одбор, Милена Драгијска – извршна директорка на „Лидл Бугарија“ и „Лидл Северна Македонија“, Бисер Инчовски – директор на централните служби. На средбата бил и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.