Министерката за одбрана најави подетална билатерална соработка со некој од земјите членки на НАТО во борбата против хибридните закани откако претставник на Алијансата бил во земјава и ги скенирал капацитетите на институциите
Претставник на НАТО пред неколку дена бил во земјава за да ја скенира ситуацијата во земјава во врска со хибридните закани, меѓу кои надлежните ги сместија и дојавите за бомби. Тој ги скенирал капацитетите на институциите и во наредниот период ќе се воспостави подлабока соработка околу ова прашање со конкретна земја сојузник од Алијансата.

„Веќе се разговара и со која од земјите членки на Алијансата ќе развиеме подетална билатерална соработка токму за адресирање на ова прашање. Знам дека интересот на јавноста е навистина голем и тоа е оправдано, меѓутоа верувајте дека институциите, вклучително и Министерството за одбрана иако не е директно надлежно, ги преземаме се за да можеме да излеземе во пресрет за брзо разрешување на овој проблем“,
изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Пред неколку дена надлежните ги променија протоколите за постапување при случаи за дојави за бомби, а во врска со дојавите кои се случија минатата недела, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека заканите се испратени од ИП адреси во Иран и Русија, а уплатите за ВПН-услугите биле вршени со крипто-валути.