Во изјава по гласањето, претседателот Бајден ја осуди акцијата на републиканците како „неоснован политички трик“ инсинуирајќи дека со тоа тие ги избегнуваат прашањата со кои се соочува американскиот народ
Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) синоќа ја одобри истрагата за импичмент на претседателот Џо Бајден, кого републиканците го обвинуваат дека профитирал од деловните активности на неговиот син Хантер Бајден во странство, пренесуваат светските медиуми.

Домот, како што пренесува „Гардијан“, гласаше по партиски линија, односно сите 221 претставник од Републиканската партија гласаа „за“ отворање на истрагата, додека сите 212 од демократите беа против.
Гласањето се случи неколку часа откако откако синот на претседателот, Хантер Бајден, ја одби поканата на републиканците да сведочи зад затворени врати за неговите деловни зделки и повтори дека е подготвен да сведочи јавно, понуда што републиканците во Претставничкиот дом ја отфрлија.
Иако истрагата беше одобрена со гласовите на сите републиканци во Претставничкиот дом, сепак, кај некои од нив постои загриженост дека досегашните напори за импичмент не нашле докази за погрешно постапување од страна на претседателот Бајден.
Според извештаите на агенциите, речиси е сигурно дека Бајден нема да биде отповикан во процесот. Имено, дури и ако Претставничкиот дом изгласа негово отповикување, Горниот дом на Конгресот – Сенатот ќе треба да гласа со двотретинско мнозинство за обвиненијата против него, што е речиси невозможно бидејќи демократите имаат мнозинство од 51 наспроти 49 претставници на републиканците.

Сепак, анализите говорат дека гласањето за импичмент би можело да им помогне на републиканците да искористат наводите за корупција на Бајден како доминантна тема во кампањата за претседателските избори во САД во ноември следната година.
Во изјава по гласањето, претседателот Бајден ја осуди акцијата на републиканците како „неоснован политички трик“ инсинуирајќи дека со тоа тие ги избегнуваат прашањата со кои се соочува американскиот народ.
„Наместо да направат нешто за да го подобрат животот на Американците, тие се фокусирани на мене и ме напаѓаат со лаги. Наместо да ја вршат својата работа на приоритетни прашања, тие избираат да трошат време на овој неоснован политички трик за кој дури и републиканците во Конгресот признаваат дека не е поддржан со факти. Американскиот народ заслужува подобро“,
рече претседателот Бајден.
На истрагата за импичмент особено инсистираше поранешниот претседател Доналд Трамп, кој побара од своите сојузници меѓу републиканците брзо да покренат постапка против Бајден, со кого тој би можел да се соочи на претседателските избори.
Одлуката да се гласа за истрагата дојде кога претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон и неговиот тим беа под зголемен притисок да покажат напредок во речиси едногодишната истрага за зделките на членовите на семејството Бајден.
Иако нивната истрага покрена етички прашања, досега не се појавија докази дека Бајден работел коруптивно или примал мито за време на претседателствувањето или додека служел како потпретседател на Барак Обама.
Инаку, синот на Бајден, Хантер, се соочува со две федерални обвиненија за оружје и за затајување данок. Тој во своето обраќање пред медиумите вчера изрази жалење за неговите минати постапки, истовремено осудувајќи ги обвинувањата на републиканците за неговото семејство.
„Нема докази што ги поткрепуваат наводите дека татко ми бил финансиски вклучен во моите работи бидејќи тоа не се случи“,
изјави вчера 53-годишниот Хантер Бајден.
Тој е обвинет дека не платил најмалку 1,4 милион долари федерални даноци од 2016 до 2019 година, додека потрошил милиони долари на екстравагантен начин на живот.
Хантер Бајден е честа тема во медиумите поради скандалозното однесување, а неговата вмешаност во украинската енергетска компанија „Бурисма“, додека неговиот татко беше потпретседател на САД, исто така беше во фокус на јавноста.