Победникот на изборите ќе го наследи центристот Борут Пахор, чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во декември, а Уставот не му дозволува да се кандидира за трет
Кандидатот на Словенечката демократска партија, Анже Логар, обезбеди пласман во вториот круг од претседателските избори во Словенија, покажуваат резултатите од 84 отсто обработените гласови. Логар им се заблагодари на гласачите за резултатот.
Како што пренесува весникот „Дело“, врз основа на 84,44 отсто од преброените гласови, води Логар со 34,06 отсто од гласовите, а по него е независната кандидатка Наташа Пирц Мусар со 26,87 отсто, додека кандидатот на владејачките Движење за слобода и Социјалните демократи Милан Брглез е трет и има 15,50 отсто. Логар очекува дека разликата во однос на противникот во вториот круг од изборите, што ќе се одржи за три недели, ќе биде уште помала, додава агенцијата СТА.
Демократскиот пратеник од СДС и поранешен министер за надворешни работи вели дека дебатата во вториот круг ќе се заснова на актуелни прашања, за да можат гласачите да одлучат кој е најубедливиот кандидат.
На изборите во прв круг учествуваа и независниот кандидат Владимир Пребилич, градоначалник на Кочевје, а потоа гинекологот Сабина Сенчар, членот на партијата Левица, Миха Кордиш и членот на десничарската Нова Словенија, Јанез Циглер Краљ, поранешен министер за труд.
Победникот на изборите ќе го наследи центристот Борут Пахор, чиј втор петгодишен претседателски мандат истекува во декември, а Уставот не му дозволува да се кандидира за трет.
Функцијата на претседателот на Словенија е главно церемонијална, но шефот на државата, кој е и врховен командант на вооружените сили, ужива авторитет бидејќи е директно избран од граѓаните.
Победникот на изборите ќе биде петтиот претседател на Словенија од прогласувањето на независноста во 1991 година. Досегашни шефови на државата биле – Милан Кучан (1991-2002), Јанез Дрновшек (2002-2007), Данило Тирк (2007-2012) и Борут Пахор (2012-2022)
Фото: EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK