Претседателот на Република Латвија, Егилс Левиц, кој од вчера е во официјална посета во земјава, денеска ќе има средба со својот домаќин и колега, претседателот Стево Пендаровски. Во рамки на посетата на летонскиот претседател, двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје
Претседателот на Република Латвија, Егилс Левиц, кој од вчера е во официјална посета во земјава, денеска ќе има средба со својот домаќин и колега, претседателот Стево Пендаровски.
Како што соопштуваат од Кабинетот на шефот на државата, претседателот Левиц ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите и пленарен состанок на делегациите на Летонија и Северна Македонија.
По средбите, најавена е прес-конференција на двајцата претседатели.
Во рамки на посетата на латвискиот претседател, двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Претседателот на Латвија вчера имаше средба со шефот на дипломатијата Бујар Османи кој го пречека на скопскиот аеродром, по што разговарале за актуелните политичко-безбедносни предизвици, како последица на руската инвазија на Украина од аспект на членството на двете држави во НАТО, а реафирмирана е и латвиската поддршка за нашите евроинтеграции.
„Како балтичка земја со изострена диоптрија за геополитичките ризици, Латвија останува наш доследен поддржувач на патот кон ЕУ, со став дека отпочнувањето пристапни преговори со ЕУ е од витално значење како за нашата држава, така и за Европа“,
напиша Османи на Фејсбук по средбата.
Поради посетата на претседателот на Латвија, од вчера до сабота во поширокото централно подрачје на Скопје во сила е посебен сообраќаен режим.