Робер Спано доаѓа во посета на земјава за да земе учество на регионалната конференција од висок профил на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“
Претседателот на Европскиот суд за човекови права Робер Спано доаѓа во посета на земјава за да земе учество на регионалната конференција од висок профил на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“, што ќе се одржи во Скопје на 5 ноември. Предвидено е на неа да учествуваат претставници од Владата на Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права, судските и јавнообвинителските институции од земјите на Западен Балкан, како и академската заедница, соопштија од Министерството за правда.
Конференцијата е организирана од Програмата за Западен Балкан на Центарот AIRE, во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда. Таа е дел од проектот „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка за поврат на имот“, поддржана од Владата на Велика Британија.
Повратот на имот е една од клучните антикорупциски мерки кои бараат зајакнување на законодавната рамка, институционалниот капацитет и регионалната соработка во Западен Балкан.
За време на неколкудневниот престој во земјава, судијата Спано ќе оствари средба со министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој е негов домаќин, со дел од државниот врв и со првите луѓе на правосудството.
Министерството за правда, како што велат оттаму, посвети посебно внимание на судската пракса на ЕСЧП, преку анализа и вградување на највисоките стандарди при изработката на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кој моментално е во собраниска процедура, а се однесуваат на конфискацијата и тортурата, како и при изработката на измените и дополнувањата на Законот за кривичната постапка, кои се во тек. Воедно, се додава во соопштението, посебно внимание заслужува и новиот предлог Закон за Канцеларијата за поврат на имот, кој е подготвен и е доставен на мислење до сите надлежни институции.