Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, познат по тоа што ја негира моќта на вирусот Ковид-19 и сериозната зараза ја нарекува обичен грип, денеска доби позитивен резултат на тестот за коронавирусот.
„Сите знаевме дека порано или подоцна ќе стигне до сите делови од населението. Резултатот беше позитивен за мене“,
рече Болсонаро, пренесе Си-ен-ен.
Претходно денеска Болсонаро на своите приврзаници, кои се собраа пред претседателството, им кажа дека ги снимале неговите бели дробови и дека се чисти, но, исто така, луѓето ги предупреди да не му приоѓаат.
Неговата канцеларија соопшти дека тој прима терапија со хидроксихлорокин и азитромицин.
По објавата Болсонаро е заразен, од Светската здравствена организација (СЗО), веднаш се огласија и му порачаа дека „сите сме ранливи“.
„Му посакуваме брзо и целосно закрепнување од оваа болест. Мислам дека пораката е за сите нас: сите сме ранливи на вирусот,
рече извршниот директор на СЗО, Мајк Рајан.
Слична изјава даде и регионалниот директор на СЗО, Кариса Етиен, во разговор со директорите на Пан-американската здравствена организација, пренесува Би-би-си.
„Пораката е дека вирусот е непредвидлив и не ја познава расата, класата или луѓето што се на власт, и покрај мерките за безбедност околу претседателот“,
рече таа.
Инаку, и во март весникот „Гардијан“ објави дека Болсонаро е позитивен на коронавирус, по тестирањето направено откако по посетата на Палм Бич, каде што бил со американскиот претседател Доналд Трамп, во неговата делегација се наоѓал секретарот за односи со јавност Фабио Вајнгартен, кај кого беше потврдено дека е позитивен на коронавирусот.