Со заминувањето на премиерката Шеиха Хасина во понеделникот заврши една ера. Во последните 30 години таа владееше со Бангладеш вкупно 20 години наследувајќи го политичкото движење на нејзиниот татко
Претседателот на Бангладеш, Мохамед Шахабудин, го распушти парламентот отворајќи го патот за формирање привремена влада еден ден откако премиерката Шеиха Хасина поднесе оставка и избега од земјата, пренесе Дневник.хр.
Кабинетот на претседателот Шахабудин објави дека лутиот противник на Хасина, лидерката на Националистичката партија на Бангладеш, Каледа Зија, која е и поранешна премиерка, е ослободена од домашен притвор.
„Одлуката за распуштање на парламентот е донесена по разговорите на претседателот со шефовите на трите кабинети на вооружените сили, лидерите на различни политички партии, претставници на граѓанското општество и лидерите на Студентското движење против дискриминација“,
соопштија од претседателскиот кабинет.
Претходно студентите што протестираат се заканија со нови демонстрации доколку не се распушти парламентот.
Со заминувањето на Хасина во понеделникот заврши една ера. Во последните 30 години таа владееше со Бангладеш вкупно 20 години наследувајќи го политичкото движење на нејзиниот татко, основачот на Бангладеш, кој беше убиен во 1975 година.
Началникот на армијата на Бангладеш ќе се сретне со студентските лидери за да разговара за формирање привремена влада која ќе одржи избори наскоро откако тој ќе ја преземе власта.
На распуштањето на парламентот му претходеа жестоки студентски протести во кои имаше и жртви.