Соговорниците на одделните средби се осврнале и на евроинтеграциите на двете земји, изразувајќи надеж дека С Македонија и Албанија ќе продолжат да напредуваат на евроинтегративниот пат и дека еден ден заедно ќе станат полноправни членки
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој учествува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Скопје, денеска оствари средби со претседателот на Собранието, Африм Гаши, и сè уште актуелниот претседател на техничката влада во земјава, Талат Џафери.

На одвоените средби на Гаши и Џафери со претседателот на Албанија пред сè биле истакнати соработката и добрите билатерални односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со пријателски, па дури и братски однос.
„Единствено економската размена со Република Албанија не го рефлектира тој одличен однос и затоа соговорниците се согласија дека таа треба да биде приоритет и за актуелните Влади на двете земји, и секако имајќи го предвид очекуваниот избор на новиот владин состав во земјава по одржаните парламентарни избори, и за идната Влада на Република Северна Македонија“,
се наведува во владиното соопштение испратено до медиумите по средбата Џафери – Бегај.
Соговорниците се осврнале и на евроинтеграциите на двете земји.

Џафери истакнал дека е важно да се продолжи со реформите за исполнување на зацртаниот пат на С Македонија и на Албанија со надеж дека покрај членството во НАТО, ќе се заокружи и процесот за пристап во ЕУ. Бегај се согласил дека евроинтеграциите се приоритет за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и дека е добро што и двете држави се на иста линија со ЕУ во однос на надворешната и безбедносната политика.
Пристапувањето на Албанија и С Македонија кон ЕУ било тема на разговор и на средбата која Бегај ја остварил со новоименуваниот собраниски спикер Африм Гаши. Во овој сегмент од разговорот Гаши изразил надеж дека двете земји ќе продолжат заедно да напредуваат на патот кон ЕУ и оти во ист ден ќе станат полноправни членки.

Бегај, пак, истакнал дека реформите што ги преземаат двете земји во однос на евроинтеграцијата не се само за остварување на критериумите на ЕУ, туку пред сè за развој на земјите и за постигнување бенефити за граѓаните.
Во однос на продлабочување на односите меѓу двете земји на средбата Гаши – Бегај било споделено дека приоритет треба да бидат инфраструктурните проекти, меѓу кои и поврзувањето на земјите преку Коридорот 8, со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.