„Нашето дистанцирање од ДУИ е затоа што ги научивме лекциите и грешките што ги направи СДСМ и тоа што се рефлектираше на самата коалиција предводена од СДСМ. Кажуваме дека се дистанцираме од тие политики и таквиот начин на водење на политиките заедно со ДУИ, притоа кажуваме дека, како со ДУИ, така и со останатите политички актери, во контекст на локалните избори, СДСМ ќе ги гради коалициите во соодветните општини зависно од општина до општина и од контекстот таму“, вели заменик-претседателката на СДСМ

Заменик-претседателката на опозицискиот СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 одрече дека претседателот на партијата, Венко Филипче, ја отфрлил можноста за соработка со ДУИ на локалните избори.
„Не мислам дека лидерот Филипче целосно и децино ги отфрла. И мислам дека е тоа сосема погрешно интерпретирано. Нашиот став и нашите изјави, визави коалицирањето во очи на локалните избори, е таков дека СДСМ ќе ги гради коалициите на локално ниво зависно од општина до општина. И дека таму каде што програмски, вредносно, резонски ќе се најдеме со било која од политичките партии и зависно од контекстот во локалната самоуправа, сите опции се возможни и се на маса“, вели Каранфилова-Пановска.
На забелешката дека ова е контрадикторно со претходните ставови што доаѓаа од партијата за дистанцирање од ДУИ, таа рече дека нема никаква контрадикција.
„Нашето дистанцирање од ДУИ е затоа што ги научивме лекциите и грешките што ги направи СДСМ и тоа што се рефлектираше на самата коалиција предводена од СДСМ. Кажуваме дека се дистанцираме од тие политики и таквиот начин на водење на политиките заедно со ДУИ, притоа кажуваме дека, како со ДУИ, така и со останатите политички актери, во контекст на локалните избори, СДСМ ќе ги гради коалициите во соодветните општини зависно од општина до општина и од контекстот таму. Не би ставала акцент само на ДУИ во контекст на локалните избори“, рече таа.