Државна новинска агенција ИРНА и државната телевизија пренесуваат дека сите девет лица во хеликоптерот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој се урна во северозападниот дел на земјата, се загинати
Иранската државна телевизија објави дека претседателот Ебрахим Раиси загинал во хеликоптерската несреќа заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.
„Сите девет лица во хеликоптерот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој се урна во северозападниот дел на земјата, загинаа“,
пренесува иранската државна новинска агенција ИРНА и државната телевизија.
Државната телевизија објави дека сликите од локацијата покажуваат дека авионот удрил во планински врв, иако, како што пренесува Ројтерс, нема официјални информации за причината за падот.
Според новинската агенција Ројтерс, ирански владин претставник ја потврдил смртта на Раиси.
Хеликоптерот во кој се превезувал иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урнал додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан. Инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.
Во потрагата беа вклучени дваесет спасувачки екипи и беспилотни летала, но поради лошите временски услови и непристапниот терен тие не можеа да стигнат до местото на несреќата.
Во меѓувреме, повеќе држави понудија помош во потрагата. Меѓу првите беа Ирак и Азербејџан, а поддршка изразија и Катар, Турција и Русија.
Европската комисија го активираше системот „Коперник“ за сателитско мапирање кој, како што соопшти европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич, се активира по барањето на Иран за помош.
Синоќа, откако добиле сигнал од хеликоптерот и мобилниот телефон на еден од членовите на екипажот, воени екипажи се упатија кон локацијата каде што се урна хеликоптерот во кој се превезуваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.