Адеми повика Судскиот совет да ја надмине ситуацијата и да си ги насочи напорите кон потребните реформи, законски измени, како и кон борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на довербата од граѓаните
Претседателката на највисокиот суд во државата, Врховниот суд, Беса Адеми, преку писмена изјава повика да се реши состојбата во Судскиот совет бидејќи тоа е во интерес на граѓаните и на државата.
Таа повика Судскиот совет да ја надмине ситуацијата и да се насочи кон реформите, борбата против корупцијата, независноста во судството итн.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија, како и целата јавност внимателно ги следи случувањата во Судскиот совет на Република Северна Македонија. Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се Извештајот на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот. Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“,
гласи целосната изјава на Адеми, која досега е единствената претседателка на суд што јавно реагираше на последните случувања.
Тензиите во Судскиот совет ескалираа пред два дена со разрешување на претседателката Весна Дамева од група членови предводени од заменик-претседателот Селим Адеми. Во средата, на седница кога на дневен ред беа претставки од граѓани, но и формирање на комисии за поднесени барања за утврдување на одговорност на судии, настана расправија за меѓучовечките односи во самиот Совет.
Иницијална каписла беше писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер за што дел од членовите ја обвинија Дамева дека го криела, додека таа одговараше дека била од одмор.
По неколку часа тензична расправа, заменикот Адеми во присуство на претседателката го презеде раководењето со седницата и повика на гласање за разрешување на Дамева. Заедно со неговиот, имаше седум гласа „за“ по што тој констатираше дека претседателката е разрешена и закажа итна седница за наредниот ден (вчера) со цел избор на нов претседател.

Почетокот на вчерашната итна седница првично се пролонгираше за два часа, а откако почна траеше само 10-тина минути и Адеми ја одложи со објаснување дека отсутен е еден од 13 члена со право на глас, па можело е кога се бира претседател да бидат присутни сите. Иако тоа беше формалното објаснување, она што неофицијално се зборуваше е дека нема мнозинство за избор на нов претседател за што се потребни осум гласа „за“.
Во меѓувреме, разрешувањето на Дамева во средата предизвика бура реакции кај дел од стручната јавност. Реакциите беа во насока на тоа како воопшто заменик-претседателот Селим Адеми, во присуство на претседателката, можеше да го преземе раководењето со седницата и како се стави на дневен ред точка за нејзино разрешување. Дополнително, клучен момент што се оспорува е и начинот на кој беше разрешена претседателката.
Имено, ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа има предвидено процедура за разрешување на претседател. Реакциите кај дел од стручната јавност, меѓу кои први беа Коалицијата „Сите за правично судење“ чии набљудувачи редовно ги следат седниците беа во насока дека за Дамева да биде разрешена од претседателка, требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна соодветна процедура за дисциплинска постапка која трае и предвидува и одговор од странката, и во која (процедура) кога ќе дојде до разрешување, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Заменикот Адеми, пак, вчера одбегна да им одговори на новинари околу тоа дали била законска процедурата за разрешување. По одложувањето на вчерашната итна седница, новинарите се обидоа да го прашаат, му посочија и на реакциите, но тој неколкупати одговараше дека има институции кои може да утврдат дали е законски или незаконски. Кои институции, пак, не одговори.